Градоначалникот Никола Бакрачески и претседателката на Советот , Гордана Коњаноска учествуваат на меѓународна конференција „Единство во различноста“ што од вчера до 8 ноември се одржува во Фиренца – Италија. Целта на овој меѓународен настан е да се изгради мрежа што ќе се фокусира на спасување на културното наследство и идентитетот во различни области погодени од војни, политички или економски кризи.
На трибината во домот при градското собрание во Фиренца ,обраќајки се пред присутните градоначалникот Бакрачески истакна дека Македонија е идеален склоп на етнички, национални и верски различности и е колевка на меѓусебната толеранција и разбирање на сите граѓани.
– Охрид, најпрепознатливиот историски, културен, духовен и туристички бренд во Македонија, се наоѓа во јужниот дел на западната страна на Македонија, со прекрасното Охридско Езеро, кое заедно со градот Охрид се признати од страна на УНЕСКО. Место каде што многу цивилизации оставиле траги низ вековите. Охрид е космополитски град со различни етнички групи, култури, традиции и религии. Охрид уште се нарекува Ерусалим на Балканот, кој е и домот на Албанци, Турци, Роми, Срби, Босанци, Власи, Египќани. Речиси сите етнички групи, како никаде на друго место се застапени во Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и институциите, тие имаат свои претставници во министерствата, заменик-министри, директори и други органи. Тие се претставени со нивни политички партии, со нивни бизнис, културни, спортски здруженија, со невладини организации, а различните јазици се застапени во медиумите, во јавните и приватни служби. Но ние велиме: Во Република Македонија, различни заедници зборуваат ист јазик, а тоа е јазикот на почитување, разбирање и толеранција. Соживотот меѓу различните групи е нашата традиција и нашата судбина. Тие се вклучени во секоја пора на животот, рече во своето обраќање Бакрачески.
На настанот учествуваат принцезата на Јордан, нејзиното Височество, Хаја Бинг Хусеин, Генералниот секретар на УНЕСКО, Антонио Гутерес , претставници од Генералниот секретаријат на ОН и други личности од светската политичка сцена. Во текот на тридневната конференција на теми за значењето на мирот наспроти војната и конфликтите ќе зборуваат и градоначалници и останати претставници на градови кои поминале во услови на нестабилност од повеќе европски земји.
OhridNews