Со света литургија во парохиската црква “Св. Тројца” и пригодна свеченост на која присуствуваа градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, претставници на општинскиот Совет и жители на населбата “Радојца Новичиќ”, членовите на Здружението на граѓани “Христо Узунов” беа испратени на традиционалниот Илинденски марш до Крушево, каде „охридските комити“ ќе учествуваат на одбележувањето на 110 годишнината од Илинденското востание.


 
Успешен марш им посака градоначалникот Бакрачески кој се осврна на значењето од зачувување на традициите на македонскиот народ и споменот на храбрите Илинденци.


 
“Наша света должност е да ги продолжиме традициите и да го зачуваме споменот на оние наши дедовци и прадедовци, кои пред 110 години веруваа во слободна и независна Македонија. Нивните жртви се потсетување за сегашните генерации дека нема ништо посвето од борбата за слобода на својот народ и создавање на самостојна држава. Македонија е свето име, испишано со крв на генерации македонски синови, на кои вечно ќе им оддаваме почит, зошто не научија дека слободата не се подарува, туку таа единствено може да се извојува преку крвта на своите најдобри синови. Со верба во бог, Македонија до гроб”– истакна во своето обраќање Бакрачески.


Учесниците на Илинденскиот марш ќе поминат пеш 106 километри, за да пристигнат во Крушево, каде на 2 август ќе учествуваат на манифестациите на Мечкин Камен.

OhridNews