Заради реакциите на Еснафот на угостители и јавноста, градоначалникот на општина Охрид Јован Стојаноски, на денешната 10-та седница на советот, ја повлече од дневен ред точката за утврдување на висината на надоместокот за поставување на урбана опрема.

За неколку дена ќе закежеме средба со угостителскиот еснаф и отворено ќе ги искажеме ставовите и од наша и од нивна страна, и ќе продискутираме околу комуналната такса и надоместокот за поставување на урбана опрема. Точката којашто беше поврзана со надоместокот за урбана опрема на оваа седница ја повлековме и ќе ја разгледуваме на наредната седница, а до тогаш ќе ги обавиме потребните консултации. Тоа е сосема коректно и легитимно од страна на градоначалникот кога реагираат граѓаните и оние кои се засегнати од оваа одлука. – истакна градоначалникот Јован Стојаноски.

Стојаноски појасни дека во јавноста се создала погрешна слика околу покачување на јавните давачки за угостителите, посочувајќи дека корекција има само во еден сегмент.

-Поскапувањето беше само во делот на поставување на урбана опрема и тоа само во делот на поставување на маси и столици и периодот во кој може да се постави таа урбана опрема.- објасни градоначалникот Стојаноски.

Еснафот на угостители од Охрид пред одржувањето на денешната седница побара да биде одложена расправата за утврдување на надоместокот за поставување урбана опрема и упати барање за средба со претставници на локалната самоуправа, што беше прифатено од локалната сампуправа.

Инаку, на денешната седница со 12 гласа „За“, советниците ја изгласаа Предлог – програмата за поставување урбана опрема на територијата на општина Охрид за 2018 година.

Г.М.