Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески ја поздрави Уредбата со законска сила која ја усвои Владата за примена на Законот за градежно земјиште, во делот на управувањето со плажите.

Со ова очекувам конечно да се стави ред во искористувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро за туристички цели, кое се провлекуваше како проблем, години наназад.

Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност. – го соопшти својот став на социјалните мрежи градоначалникот Георгиески.

Георгиески ја потенцира важноста за воспоставување на поголема контрола на крајбрежната трансформација за целите на масовен туризам и зголемена контрола врз уредувањето на постојните плажи. Во таа насока оваа уредба значително ќе придонесе и во насока на исполнување на препораките од УНЕСКО, во делот на стопанисувањето со крајбрежјето, потенцира Георгиески.

Како што веќе информиравме, Владата на вчерашната 63 седница, ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп, која предвидува сите концесионери чии договори се истечени или раскинати задолжително треба да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба.

Најавено е дека процесот ќе го следат надлежните државни инспекции.

OhridNews