Првиот човек на градот, градоначалникот Никола Бакрачески првото лето по преземањето на мандатот ќе го помине работно во Охрид. Од неговиот кабинет информираат дека бројните обврски кои ги има градоначалникот,не дозволуваат оваа сезона тој  да го користи годишниот одмор.

За првата дама на градскиот совет, летово исто така ќе помине работно.


–    Засега не планирам да одам на одмор. Можеби ќе искористам неколку денови во септември, кои ќе ги поминам во Охрид, изјави за OhridNews претседателката на советот на општина Охрид, Гордана Коњановска.

Во Охрид ќе се релаксира и координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Сашо Донев, додека пак координаторот на опозицијата, Томислав Тунтев веќе го искористил годишниот одмор на почетокот на летото.

–    Моите професионални обврски не дозволуваат да користам годишен одмор во јули и август, во септември децата ми се веќе на училиште, па затоа вообичаено на летување одиме кон средината на јуни. Оваа година бевме на прекрасно семејно 7-дневно крстарење на Јадранско и Јонско Море со бродот Коста Класика, преку специјален поволен аранжман на ТА „Елмундо“ од Скопје. Ваквиот начин на проактивен одмор би им го препорачал на сите што одат на летување со своите деца на возраст до 18 години, како поради прифатливите цени на аранжманите, така и поради неспоредливо високиот квалитет на туристичката понуда. Тоа е единствена можност да се посетат и видат 7 различни атрактивни туристички дестинации во неколку држави со едно единствено патување, а истовремено да се ужива во благодетите и врвните туристички содржини што ги пружа пловењето со огромните морски крстосувачи, вели Тунтев.


Охридските пратеници се уште не ја избрале дестинацијата на која ќе отпатуваат за да „ги наполнат батериите“. Она што е сигурно е дека поголемиот дел од својот годишен одмор, тие ќе  го поминат во Охрид.   
 
–    Традиционално, пратениците користат одмор во август кога не работи Собранието. Поголемиот дел од одморот ќе го поминам во Охрид, сакам повеќе време да поминам со семејството и пријателите кои заради обврските во текот на годината ретко ги гледам. Веројатно еден продолжен викенд од 4-5 дена ќе поминам и на море. Тоа сигурно нема да е во Грција, а веројатно изборот ќе биде Црна Гора или Хрватска, вели пратеникот Александар Николоски.

Каде ќе одмара со своето семејство пратеникот Харалампие Шокароски засега не е познато. Како што за OhridNews изјави Шокароски,годишен одмор ќе користи, но сеуште не е избрана дестинацијата на која ќе отпатуваат.

Т.Кувенџиска