Остварена средба на градоначалникот Кирил Пецаков, претставници од СВР Охрид, Дебарско-кичевската епархија и претставник на жителите на Лакочереј, по последните случувања поврзани со еврејската верска група „Лев Тахор“ која претстојува во хотел во селото Лакочереј.
На средбата претставникот на жителите рече дека сите информации кои тие ги имаат за оваа група влеваат страв, а дополнително биле револтирани затоа што наводно им било ветено дека за ден два групата од хотелот ќе замине на друго место.
Лакочеревци се мирни луѓе и за соработката, но тој момент на добивање информации од медиумите за еврејската група на верници создаде страв и паника кај нашите жители. Нашата цел не беше луѓето од групата да ги избркаме и тие имаат туристичко право да престојуваат тука. Но, тој страв нас не натера да побараме заштита од полицијата, луѓево да не вршат обреди низ селото и да се остане на тоа што беше ветено дека по поминување на 14 дена од кога се дојдени за што имаат и договор со хотелот, нивниот престој нема да биде продолжен. Никој до сега ниту бил ниту ќе оди луѓето од групата да ги омаловажува, навредува или напаѓа. Претставувајќи ја тие нивната религиозна култура, нивната мисија гледаме дека тие не припаѓаат на нашиот религиозен обичај и тоа е тоа што влева страв. Полицијата ни вети заштита и почести патроли, бараме луѓето да не шетаат низ селото, слободно може организирано да шетаат каде сакаат, вели Илче Настоски, жител на Лакочереј.

Беше потенцирано дека институциите немаат право да реагираат за отстранување на луѓето, а од друга страна тие не сакаат да си заминат бидејќи имаат потпишано договор за престој на две недели. Доколу сакаме да си заминат бараат документ од судот дека биле избркани од тука. Затоа апелираме на воздржаност до завршување на договорот, кој истекува на 6 март, рекоа претставниците од СВР Охрид на состанокот.
Би повикал на смиреност, станува збор за група која не е опасна. Денес ќе остварам телефонски разговор, а ако можам и ќе оставарам средба со министерот Оливер Спасовски, а како ја имаат избрано токму оваа локација не знам. Со полициска придружба се донесени овде. Можеби посоодветно ќе беше да бидат сместени на некоја локација во центарот на градот, тие си имаат свој принцип на живот и ние не сме тука да судиме. Повикувам на смиреност во овие неколку дена и се надевам се ќе заврши во најдобар ред. Од полицијата кажаа дека овие две недели имале договор со сопственикот на хотелот, тие тоа ќе го испочитувале и потоа ќе ја напуштеле нашата земја. И тие како полиција и ние како Општина ќе поразговараме со групата, односно лично јас во текот на утрешниот ден ќе ги посетам и ќе ги замолам да се движат на имотот на хотелот со цел да не се создава страв кај граѓаните, кој е повеќе од видлив, рече Пецаков.
Илче Ристески претставник од Дебарско кичевска епархија истакна дека Охрид и околината како туристичка дестинација е посетена од најразлични туристи, а според сознанијата од службите од кои се информирале сметаат дека и оваа верска групација која претстојува во селото не претставува никаква опасност за тамошните верници, ниту се врзува со нивните верски чувства.
Н.С.Ј.













