Протоколарна средба денес оствари градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, со турска делегација предводена од Амбасадорот на Република Турција, Н.Е. Хасан Mехмет Секизќок. Во турската делегација беа и претседателот на Македонско – Турската бизнис комора (МАТТО), Ајдован Адемоски, сопственикот на туристичката агенција „Бадем Тур“, Џихангир Бадем, како и почесниот конзул на Република Турција во Охрид, Абдураман Бајрактар.

На средбата беше потенцирана добрата меѓусебна соработка и беше констатирано дека таа во иднина ќе се продлабочува. Соговорниците разговараа за интензивирање на соработката во областа на туризмот, односно организирање на промоција на Охрид на туристичкиот саем во Истанбул, информираат од Општина Охрид.

Градоначалникот Пецаков го запозна амбасадорот со проектот за изградба на нова училишна зграда на ОУ „Братство Единство“, кој треба да се реализира во соработка турската агенција „ТИКА“. Амбасадорот истакна дека лично ќе се заложи за побрза реализација на овој значаен проект за градот.

На средбата се разговараше и за надоградување на соработката во областа на образованието, културата, градежништвото и индустријата.

Градоначалникот Пецаков денеска оствари работна средба и со Н.Е. Aмбасадорот  на  Република  Босна и Херцеговина во земјава, Драган Јакимовиќ.

На средбата се разговараше за статусот на Охрид во УНЕСКО при што градоначалникот Пецаков укажа дека се работи  на надминување на забелешките што претходно беа дадени од националната комисија на организацијата, а беше упатена и благодарност до  амбасадорот за досегашните негови заложби градов да не биде тргнат од листата на Светско природно  и културно наследство. На средбата се разговараше и за обновување на иницијативата  за олеснување на патувањата меѓу двете земји, првенствено преку воспоставување директни авионски линии. Чартер летовите во летниот период би допринеле во  зголемување на  бројот на босански туристи на охридската ривиера, велат во соопштението од Општина Охрид.

Соговорниците, се додава, разговарале и за неопходноста од поголема промоција на Охрид на меѓународен план, како  најголем туристички  центар во земјава. Заеднички било заклучено дека на градов му е  потребен Олимписки центар за  млади кој би функционирал  преку цела година, а за чие отворање  би се  заложиле  двете страни.

OhridNews