Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков утре ќе одржи прес конференција на која ќе даде отчет за сработеното во изминатите 365 денови.
Во рамките на настанот „Саемот на промените што носат иднина!“ што неодамна се одржа градоначалникот Пецаков потенцираше дека во изминатите 365 дена започнати се и изградени нови улици и патишта, реконструирани се старите, изградена е нова и реконструирана водоводната, фекалната и атмосферската мрежа.
Како никогаш досега ставен е акцентот на спортот и здравиот развој на децата, посветивме големо внимание на културата, се грижиме за младите и им обезбедивме центар за нивно истакнување, поддржуваме и субвенционираме. Градиме нови повеќенаменски игралишта. Штедиме и отплаќаме стари долгови. Воведовме ред во основното и средното образование. Покрај реализацијата на проектите, ја отворивме Локалната самоуправа да биде достапна за граѓаните. Постојано сме во комуникација со нашите сограѓани преку средбите кои ги организираме. Сето тоа охриѓани го чувствуваат и гледаат. Охрид се менува! Посветено продолжуваме да градиме нова иднина за Охрид!, рече Пецаков.
Инаку, Пецаков дојде на функцијата на 8 ноември 2021 година, преземајќи ја функцијата од тогашниот градоначалник Константин Георгиески кој управуваше со градот две и пол години.
Од првиот ден ќе работиме посветено на решавање на сите проблеми и потребите на граѓаните. Приоритет ќе биде решавањето на сите горливи прашања за кои говоревме во кампањата и за сите потреби што ќе ги посочат граѓаните односно месните заедници, истакна Пецаков по преземањето на функцијата.
Н.С.Ј.












