Градоначалникот, Александар Петрески вчера не ги сослуша предлозите на граѓаните за  Фискалната стратегија и развојните програми на Општина Охрид за 2012 година и револтирано ја напушти Јавната расправа која беше организрана во Охридската локална самоуправа. Иако требаше да раководи со овој важен состанок, градоначалникот уште на самиот почеток, ги остави претставниците на општинските сектори, сами  да се справуваат со проблематичните прашања, реакциите и молбите кои граѓаните сакаа да ги упатат до Општина Охрид.


Причината за  револтот на градоначалникот беа дел од излагањата на претставниците од неколку месни заедници, кои директно и дрско го повикаа на одговорност поради неасфалтирани улици, ненаправени канализации и други комунални проблеми.

Пред да ја напушти средбата, Петрески неколку пати ги опомена излагачите да бидат коректни во своите излагања.

– Ние постојано сме на терен и ги знаеме проблемите. Јас ќе ве молам малку покоректни да бидете во излагањата. Овој состанок е свикан за да ми кажете кои се вашите предлози за она што треба да се направи во Охрид, а другите работи што ги кажувате се излишни и мислам дека треба на друго место да ги кажете. Овде  ве повикав за да ми кажете кои се вашите приоритети, кои може да ги вметнеме во програмата за догодина, им се обрати Петрески на присутните.


Тој во својот воведен говор на Јавната расправата кажа дека целата постапка околу фискалната стратегија и развојните програми, општината ја  води на најтранспарентен начин.

– Целосно ги почитуваме вашите предлози и забелешки , но нивната реализација ќе зависи од приходите што ќе ги оствариме. Се надеваме дека од почетокот на новата 2012 година и влегувањето на Општина Охрид во втората фаза на децентрализацијата, приходната страна ќе се зголеми и ќе реализираме поголемиот дел од предложените проекти, рече Петрески,  на почетокот од  расправата.

Откако градоначалникот го напушти состанокот и голем дел од присутните граѓани, во знак на револт ја напуштија салата и пред да ги соопштат своите проблеми. Оние граѓани кои останаа имаа можност да ги кажат своите предлози на раководителите на неколку сектори, кои остана да ја водат Јавната расправа.


Најголемиот дел од барањата и предлозите се однесуваа на подобрување на патната инфраструктура, изградба на нови канализациони системи, решавање на разни видови комунални проблеми, изградба на дом за стари лица и спортски игралишта и отстранување на физичките препреки за лицата со хендикеп.

Освен барања и поплаки, дел од граѓаните упатија и благодарност до општинските служби, кои излегле во пресрет на нивните барања и им ги  решиле долгогодишните комунални проблеми.

OhridNews