„Денот на нашиот Патрон треба сите нас да не исполнува со почит, восхит и гордост. Да не исполнува со творечки дух, човечност, меѓусебна почит, љубов кон својот град и кон светот – бидејќи Охрид со духот на Климента е космополитски град.. Тој и таков дух, предодреден од самиот светец, треба да е препознатлив за нашиот град. Само со секојдневно приклонување кон таквиот дух во било која сфера од општественото делување и создавање, ние, сегашниве генерации, ќе можеме со гордост да се повикуваме на нашиот Патрон”, вака претпладнево преку медиумите им се обрати на охриѓани, градоначалникот Александар Петрески.

Петрески посочи неколку битни работи кои говорат за растежот  афирмацијата на Охрид.

 „Илјадници метри асфалтни патишта, уредени тротоари, новоизградени и уредени улици или крстосници, инфраструктурни објекти со кои се решени проблемите на граѓаните за водоснабдување или регулирање на отпадните води, реконструкција и новоизградена мрежа на јавно осветлување- се само летимично наведување на зафатите кои го изменија ликот на Охрид за толку кусо време. Сите тие и уште многу други, поситни но, за граѓаните и многу значајни зафати, се надоврзуваат на успешните преземања каде општината има поголеми ингеренции – како што е образованието. Во тој сегмент од општествениот живот инвестиравме нови 30-тина милиони сопствени средства со цел да им обезбедиме максимални услови на младите и децата. Најстариот образовен објект,Гимназијата, светна во ново руво и претставува објект сам по себе впечатлив архитектонски споменик за градот на културата, а руинираното некогашно училиште во Велестово го претворивме во современ повеќесодржаен Дом на културата. Со тоа како и со низа други инфраструктурни и комунални зафати, докажавме дека сакаме развој и повисок квалитет на животот за нашите сограѓани и во населбите вон општинскиот центар. Сите градинки се реновирани, а сите школски објекти осовременети по условите во кои се работи. Во училиштата и населбите изградените десетина нови спортски и детски игралишта зборуваат доволно за нашата грижа за идните генерации. Гo формиравме новото општинско јавно претпријатие со цел да се грижиме подомаќински за она што е веќе создаденоо и полесно да одговориме на потребите на нашите сограѓани во доменот на спортската култура и развој на спортскиот туризам“, потенцира градоначалникот Петрески.

Отворено и транспарентно определени за таквиот дух во придонесот за доброто на  Охрид, ние ја практикувавме власта и приоѓавме кон  решавањето на проблемите што го тиштеа градот. Како локална власт или како  „татко на градот, односно на сите граѓани“ јас очекував,  барем меѓу двете прослави на Патронот, дека ќе бидеме сведоци и на  понагласен ангажман и заложби, на конкретна поддршка и од нашите претставници во централната извршна или законодавна власт. Очекував, заради доброто на Охрид и нашите сограѓани, дека одделни функционери или јавни работници, ќе имаат доблест да ги надминат теснопартиските интереси и кратковидоста која не е ништо друго туку, подзапирање на подемот на Охрид. Сето тоа, за жал, изостана од калкулантски  интереси на една партиска  опција, а против интересите и на самите нивни членови и воопшто на граѓаните. Бидејќи, вистината е таа, дека и урабанизацијата и асфалтот и плочките и уредените тротоари не носат партиски обележја, ниту пак она што е убаво за сите е право  или придобивка само за една партија, рече Петрски и кажа дека им простува за таквите пропусти на своите политички опоненти.

На овој ден тој вети  дека опшината и натаму  останува сервис на граѓаните, а адмнистрацијата продолжува да го развива и афирмира Охрид.

Ohridnews