Меѓународни проекти, инфраструктурни зафати, доопремување на училишта, обуки на невработени лица…Градоначалникот Никола Бакрачески на прес конференција, денес, потсети на низата проекти и активности реализирани минатите години, во Секторот за туризам, како и проекти изработени и реализирани во соработка со различни меѓународни, европски и национални фондови, институции и организации.
– Во 2016 година во фокусот на вниманието беа активностите за целосна реализација на веќе добиените меѓународни проекти од различни европски фондови како што се големите инфраструктурни зафати од проектот ВАТЕРНЕТ со вредност од 210.000 ЕВРА, од програмата за прекугранична соработка на европската унија помеѓу Република Македонија и Република Грција, од кои 150.000 ЕУР за Општина Охрид и со период на имплементација од 18 месеци. Главни проектни активности за општината се изградба на 200 м Пешачка патека на потег Парк – Канал Студенчишта во вредност од 114.304 ЕУР, набавка на информативен туристички киоск во вредност од 9.000 ЕУР, изработка на промотивни штандови, билборди, промотивен материјал и сл, рече Бакрачески.
Градоначалникот потсети и на реализацијата на проектот за Поддршка на прекугранично претпиемништво, како и на проектот за активен туризам ЛАКТИВ ТУРИЗАМ.
– Во овој момент, се реализира еден од инфраструктурните проекти во партнерство со центарот за југозападен плански регион и Бирото за регионален развој – подземните контејнери и јавните тоалети, во вкупна вредност од 56.000 Евра. Поставувањето на подземните контејнери е завршено во 2016, додека поставувањето на јавните тоалети е во фаза на реализација и е планирано да бидат завршени сите активности до почетокот на туристичката сезона 2017, рече Бакрачески.
Во 2016 година беше финализиран проектот за реконструкција и енергетска ефикасност на централната градинка Јасна Ристеска, во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион и Бирото за регионален развој, се реализира проектот во ОУ Кочо Рацин во Лакочереј, како и опремувањето на кабинетот по биологија во ОУ Григор Прличев со помош на германската амбасада. Во 2016 повторно се обезбедени финансиски средства за опрема и друга поддршка на Дневниот Центар ЗРАЦИ за лицата со посебни потреби во висина од 6.000 Австралиски долари.
Воедно, на различни отворени повици на Европските фондови, донатори, амбасади и институции, во 2016, од страна на проектните тимови во секторот за ТЛЕР се подготвени повеќе проектни апликации и концепти со кои е аплицирано за бројни програми. Во рамки на Одделението за ЛЕР, од 2014 до сега, согласно годишните програми, финансирани се проекти од јавен интерес на здруженија, месни и рурални заедници, при што целосно реализирани и исплатени се 6 проекти.
– Во рамки на овие проекти реализирано е Изградба на трибини на игралиште во с. Подмоље, реконструкција на селскиот дом во с. Куратица – прва фаза, изградба на видиковец и уредување на просторот кај црквата Св. Наум во с. Лескоец, изградба на потпорен ѕид – гробишта црква Св. Спас – с. Лескоец, Реконструкција на селски дом во с. Куратица – втора фаза, рече градоначалникот.
Тој ја потенцира континуираната соработка со работничкиот Универзитет „Кузман Шапкарев“ преку кој се вршат обуки на невработени лица за струки кои согласно анализите и истражувањата на Секторот претставуваат дефицитарни струки во охридското стопанство. Бакрачески потсети и на изработената брошура „Инвест ин Охрид“, на формирањето на канцеларијата за давање на стручни совети на земјоделците, како и активностите насочени кон туристичка промоција на Охрид, при што во 2016 година Охрид бил во рекорден обем застапен на светските пишани и електронски медиуми, а се направени таргетирани промотивни настани на Охрид во Прага, Виена, Стразбур, Белград, Далијан, Тел авив, Ниш, Сараево и сл.
– Превземените активности неизбежно резултираат во перманентен раст и тоа и во посетеноста од домашните и од странските туристи со реализирани над 830.000 ноќевања од страна на над 230.000 посетители во 2016. Во последните 4 години порастот на странски посетители во просек се движи до 15% зголемување во однос на претходната година, додека во последните 2 години реализирани се по над 300.000 ноќевања на странски туристи годишно. Особено важен е податокот дека во последните 3 години, не само што е стабилизиран бројот на домашни туристи (по речиси 7 години опаѓање), туку во последните 2 години нивниот број значително се зголемува. Така само во 2016 година од страна на околу 110.000 домашни туристи реализирани се над 530.000 ноќевања, рече Бакрачески. Потенцира и дека перманентен раст бележи и охридскиот Аеродром преку кој се превезени 138.854 патници.
Сете овие постигнати резултати, рече Бакрачески, се должат на позитивните мерки за развој на туризмот и субвенциите кои се имплементираат од страна на Владата на РМ и Локалната Самоуправа на Општина Охрид во комбинација со промотивните активности.
OhridNews