Реализираниот Проект„ Од 20 до 20- ти сите во Охрид“, реконструкцијата на кровот од градинката „Развигорче“, извршена промена на системот за греење во градинката „Росица“, се дел од реализираните активности на новата локална власт во изминатите 100 дена. Како што потенцира градоначалникот Јован Стојаноски, во денешниот отчет за сработеното во изминатите 100 дена, изборите се случиле во период кога немало можност за објава на тендери, а при тоа не бил оставен ниту еден проект од минатата локална власт.

Периодов го започнавме со објавување на тендери за изработка на проектни документации. Општина за сите, е оној проект којшто го зацртавме, го ветивме и ги отворивме вратите за сите граѓани на Општина Охрид, а го отворивме и новото крило на општинската зграда, рече Стојаноски. 

Градоначалникот информира дека во тек се активности за изработка на основни проекти за: реконструкција на улицата „Коста Абраш“ која вклучува и уредување на плоштад „Табана“, реконструкција на плоштадот кај Чинарот со краковите  „Гоце Делчев“ и „7-ми Ноември“, изградба на пешачка патека од Саат кула до старото училиште „Свети Сава“.

Во тек е изработка на проектно- техничка документација  за целосна  реконструкција и поставување на атмосферска канализација  на  улица „7-ми Ноември“ од  кружниот тек кај Здружението на возачи до пресекот со улицата „Егејска“, а се подготвува и документацијата за реконструкција на улицата „Абас Емин“. Договорите со  Владата и министерството за животна средина и просторно планирање за да  доизградба и реконструкција на колекторскиот систем се завршени. Се подготвува студијата за Студенчишко блато, а се работи и на решавање на проблемот за изградба на марина.

Би напоменал дека во јавното претпријатие „Проаква“ го решивме долгогодишниот проблем со доцнење на уплатата на придонесите за здравствено осигурување на вработените во работната единица во Охрид. Еден од најважните проекти за охриѓани е  воведувањето на гасификација во Охрид, а се работи и на целосното ставање во функција на просторот на поранешната касарна „Михајло Апостолски“, рече градоначалникот.

Стојаноски истакна дека активностите за развој на општината, подобрување на квалитетот на животот за граѓаните ќе продолжат. Сето тоа проследено со транспарентно, отчетно и отворено работење на локалната самоуправа.

OhridNews