– Во отвореното писмо на СОНК, без аргументи и со непристоен речник се навредува достоинството на новинарите. На средбата на градоначалникот Александар Петрески и раководството на СОНК предводено од претседателот Ацо Речкоски, што се одржа на 1-ви октомври беше потпишан меморандум за соработка , како основа за тековните и идните заеднички активности. По потпишувањето , градоначалникот и претседателот на СОНК пред новинарите ги кажаа своите мислења, по што новинарите не поставија дополните прашања. Во СОНК би требало да знаат дека , во интерес на јавноста , по завршувањето на тематскиот дел , градоначалникот Александар Петрески, дозволува новинарите да поставуваат и други прашања, се наведува во дописот од кабинетот од градоначалникот.
Претседателот на регионалниот СОНК, Ацо Речкоски, изјави дека за испратениот допис од СОНК дознал од медиумите. Тој се оградува од дописот и како што вели, од изјавата на индивидуа која очигледно сака да отвори војна со медиумите и локалната самоуправа.
Претходно реагираше и Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид, кое ги осуди изнесените навреди кон охридските новинари во отвореното писмо на Регионалниот одбор на Синдикатоот на вработените во образованието, науката и културата –СОНК, од Охрид, испратено преку електронска пошта до медиумите.
Во писмото, објавено целосно во дел од локалните медиуми, се користат недолични зборови и квалификации со кои се девалвира новинарската професија и достоинството на медиумските работници присутни на прес конференцијата што на 1-ви септември се одржа во просториите на Општина Охрид, а по повод потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Локалната самоуправа и СОНК Охрид, за што известуваа претставници на повеќе локални и национални медиуми, се вели во реакцијата на ЗНМ.
-Без и малку почит, минимизирајќи ја улогата на медиумите кои безброј пати до сега ги актуелизирале проблемите во образованието, науката и културата, дури и тогаш кога отсуствувала синдикална реакција, како и проблемите во самиот синдикат, во писмото на СОНК, зад кое, како што се тврди во истото, стои Регионалониот одбор од Охрид, на новинарите не им се забележува што преку објавените извештаи ја запознаа пошироката јавност за потпишаниот договор со кој се решава превозот на просветните работници во општината, туку какви прашања поставувале и зошто пројавиле интерес и за други теми надвор од образованието, а кои се од интерес на пошироката заедница.
Недопустливо е Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата –СОНК – Охрид, да се обидува да дели лекции и да ги учи новинарите како да работат, што да прашуват и пишуваат, што претставува загрозување на слободата на медиумите и грубо мешање во нивната уредувачката политика.-стои во реакцијата на Регионалната канцеларија на ЗНМ.
Воедно, ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид, бара од СОНК – Охрид да го објасни изнесеното во отвореното писмо и јавно да се извини за навредите упатени кон новинарите, за што ќе биде известено и централното раководство на Синдикатот на вработените во образованието.
ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид, апелира до медиумите професионално да ја вршат својата работа, објективно и непристрасно да информираат, да ги почитуваат стандардите и принципите на работа и етичкиот кодекс, но и да покажат меѓусебно почитување и да го заштитат дигнитетот на професијата.