Градоначалникот на Охрид, Д-р Јован Стојаноски, оствари работна посета на Софија, Република Бугарија.

Во рамки на еднодневниот престој, градоначалникот Стојаноски оствари работна средба со градоначалничката на Софија, Јорданка Фандакова. На состанокот беше присутен и заменик градоначалникот на Софија, д-р Тодор Чобанов кој е задолжен за култура, едукација, спорт и туризам и ЕУ фондови. Од двете страни беше изразена волја за продлабочување на соработката и искористување на стручна помош од бугарска страна за искористување на ЕУ Фондови.

Заеднички беше заклучено дека Бугарија како членка на ЕУ има големо искуство за користење на ЕУ фондовите, а тоа искуство ќе биде од голема помош за општина Охрид. Градоначалничката Фандакова вети голема ангажираност и партнерство во останатите општински проекти при користење на ЕУ Фондовите.

Во рамки на престојот во Бугарија, градоначалникот Стојаноски ги посети учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј” кои во рамки на „Me Doctor” проектот од „Erasmus +” програмата се на неколкудневна пракса во софиската универзитетската болница „Александровска“.

Градоначалникот беше примен од бордот на директори на болницата предводен од извршниот директор проф. д-р Костадин Ангелов. Раководството на болницата изрази огромно задоволство од остварената соработка, квалитетот и посветеноста на учениците.

OhridNews