Локалната самоуправа во рамки на можностите и предвидените средства за елементарни непогоди и несреќи во буџетот на општината, материјално ќе го помогне семејството Садик чија куќа вчера целосно изгоре во пожар. Ова го најави градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески кој денеска го посети опожарениот објект кој беше дом на тричленото семејство Садик.
Стручните служби на општината и Професионалната противпожарна единица извршија проценка на направената штета, која ќе биде предадена на надлежната комисијата при советот на општина Охрид на одлучување.
– Во рамките на нашите надлежности ние ќе направиме се и ќе го дадеме најдоброто од себе веднаш да му помогнеме на семејството Садик. Со оглед на тоа дека оваа постапка не се решава за ден или два, ќе се потрудиме да најдеме привремено сместување. Општина Охрид не располага со сопствен станбен простор, но ќе бидеме во комуникација со државните институции со цел да изнајдеме привремен дом каде ќе може да се смести семејството. – изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Според првичните информации од истрагата пожарот избил од оџакот и брзо се проширил на целиот објект. Интервенцијата на противпожарната бригада спречија негово ширење на околните објекти.
– Од 1 декември до денес од 64 интервенции, 36 се во објекти каде пожар избил од оџаците. Апелираме грејните тела и оџаците навреме да се чистат на суво време, бидејќи огревниот материјал брзо гори и лесно може да предизвика пожар. Исто така им посочуваме на граѓаните да не ги користат таквите грејни тела кога не се во домот. – изјави Спасе Прентоски од Професионалната проитивпожарна единица во Охрид.
Семејството Садик ноќта ја мина кај комшиите кои први им понудија помош. Музафер Садик кој вчера се подготвувал скромно да го одбележи својот роденден, вели дека ќе го памти овој 9-ти јануари.
-Ќе го запамтам овој роденден. Трагичен е богами. Се изгубив, ништо не остана. Но многу ми значи поддршката од комшиите и пријателите кои постојано ми се јавуваат и ја нудат својата помош, па така денеска се чувствувам подобро. – изјави Музафер Садик.
Во изминатите 4 години општина Охрид издвоила 4,3 милиони денари за помош на 27 семејства чии домови биле опожарени. Дополнително издвоени биле половина милион денари за обештетување на семејствата настрадани од поплави, а дополнителни средства биле издвоени и за обештетување на семејства погодени од несреќи во периодот пред 2013 година, кои не биле исплатени. Градоначалникот Бакрачески упати апел до сите хумани граѓани и хуманитарни организации да ја покажат својата хуманост и да му помогнат на семејството Садик.
Г.М.
Видео+ фото: Изгоре куќа во „Карабегомаала“, семејството упати апел за помош!