Споменикот на Цар Самоил поставен на централниот плоштад во метрополата, најдобро ќе биде да се пренесе во Охрид, смета локалната самоуправа. Советот на општина Охрид на иницијатива на невладиниот сектор на последната седница донесе одлука за подигање споменик на македонскиот цар кој треба да биде поставен на местото на фонтаната на плоштадот кај стариот Чинар. Според градоначалникот Александар Петрески,  споменикот на Цар Самоил во тој амбиент ќе се вклопи многу подобро, отколку на плоштадот „Македонија“.

-Мислам дека тој споменик треба да биде во Охрид и нудам решение за несоодветната одлука донесена тој споменик да биде во Скопје, да стрчи и смета на плоштадот „Македонија“. Знаеме и дека Охрид е посебно врзан со Цар Самоил и тој споменик е добро да го поставиме на плоштадот кај Чинарот. –истакна Петрески.

Тој додаде дека слични размислувања има и во Владата и дека од неа зависи дали ќе дојде до реализација на оваа идеја.

-Дали ќе се сложи Владата или не, незнам, но бидејќи тој споменик го финансираше Владата мислам дека таа треба да донесе одлука за поставување на споменик на Цар Самоил во Охрид.-рече Петрески.

Советот и градоначалникот ја подржаа и иницијативата на охридските Египќани, на плоштадот кај Чинарот да се подигне уште еден споменик посветен на Египетската божицата на плодноста и мајчинството Изида.

-Убеден сум дека ќе изнајдеме средства и можности да го подигнеме и овој споменик, кој е од исклучително значење за нашите сограѓани Египќани, рече Петрески.

Задоволство од одлуката на градските власти искажаа и иницијаторите, според кои со тоа Охрид покажал како се гради соживот.

Сметам дека со поставување на споменик на Изида, Охрид ќе биде репер како се живее во едно мултиетничко општество како што е Република Македонија, изјави Демир Далип од иницијативниот одбор за подигање споменик на божицата Изида.

Инаку статуи на божицата Изида  се пронајдени при археолошки истражувања  минатиот век на локалитет во ценатарот на градот, за кои се претпоставува дека датираат од времето кога македонските војски се повлекувале од Египет. Со нивното доаѓање на овие простори, тие со себе донеле и дел од културното наследство и некои верувања од стариот Египет. Така се случило и култот кон божицата Изида, да биде пренесен кај нас.

Споменикот на Изида, како и тој на Цар Самоил, доколку не биде пренесен постоечкиот од Скопје, предвидено е да се подигнат со средства од спонзори и донации и нема да го оптоварат буџетот на општината, најави локалната самоуправа.

Г. Момироски