Општина Охрид објави конкурс за избор на идејно архитектонско решение за партерно и хортикултурно уредување на кејот „Македонија“, од градското пристаниште до каналот Студенчишта.Како што потенцираат од локалната самоуправа, со новиот изглед на овој дел од градот ќе се придонесе за подобра туристичка промоција на градот.

Кејот сега е оплеменет со зеленило и вегетација и нуди убави места за одмор, прошетки, релаксација, рекреација и други содржини, но му недостасуваат квалитетни содржини , уредување и понуда која во текот на целата година ќе ги привлекува домашните и странски посетители. Изготвувачите се очекува да изработат квалитетно Идејно архитектонско решение, што ќе овозможи максимална функционалност, афтентичност и естетика, се наведува во конкурсот.

Во него се потенцира дека при реализација на новото решение треба да се користат современи материјали и просторот да биде исполнет со места за одмор, урбана опрема(корпи и фонтани), и дека треба посебно да се потенцира видикот на Охридското езеро и осветлувањето на кејот.

Идејните решенија треба се достават најдоцна до 09.12.2014 година по пошта или лично со поднесување во архивата на општина Охрид. Право на учество имаат сите заинтересирани домашни и странски, правни и физички лица кои поседуваат соодветно овластување согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење. Оценувањето на трудовите ќе го врши тричлена жири комисија.

OhridNews