Првиот човек на градот, градоначалникот Никола Бакрачески смета дека под итно треба да се преземат мерки за подобрување на лошиот имиџ на Охрид, кој во моментов важи за туристички град со високи цени на угостителските услуги.


Мое лично убедување е дека цените на угостителските услуги се повисоки и дека имаме недоволно изградени пакет аранжмани. Имиџот на Охрид во моментов е многу лош, јавноста и потенцијалните туристи сметаат дека цените на угостителските услуги се превисоки и ние мораме да го прифатиме предизвикот и да преземеме мерки и активности за подигнување на имиџот, смета градоначалникот Бакрачески. 

Бранко Азески,актуелен претседател на Стопанската комора на Македонија и член на Локалниот економски совет- Совет на градски татковци,  смета дека во Охрид сеуште постои неразвиена туристичка понуда.


–    Ние сеуште не сакаме да ја признаеме конкурентноста која се случи во соседните земји Албанија, Бугарија, Грција, кога тоа ќе го признаеме ќе се реши проблемот.  Но, првото што треба да се направи е решавање на проблемот со инфраструктурата. Охрид мора да се поврзе од сите страни, да се искористи положбата што се наоѓа во близина на две други соседни држави со што ќе се зголеми конкурентноста на услугите, а тоа ќе доведе до намалување на цените во угостителството и зголемување на нашата конкурентност. Треба да го следиме примерот на околните земји, во Хрватаска бројот на туристи се зголеми за 4 пати по изградбата на автопатите, вели Азески.

Во однос на подобрувањето на инфраструктурата градоначалникот Бакрачески потенцира дека во тек се подготвителните активности за реализација на проектите за изградба на автопатот од Гостивар до Кичево и магистралниот пат Охрид- Св. Наум. Информира дека во тек се преговори со нискобуџетна авио компанија за воведување директни летови до Охрид, кои би биле субвенционирани и од локалните самоуправи од Охрид и Струга.


Цените на услугите во угостителските објекти и можноста за нивна корекција, беа една од точките на дневен ред на денес одржаната седница на Локалниот економски совет- Совет на градски татковци, во кој учествуваат  експерти од повеќе области, актуелни вршители на јавни функции, угледни бизнисмени, академици.  Освен за цените во угостителството, градските татковци на денешната седница расправаа и за физибилити студијата за изградба на скијачки центар на Галичица, охридскиот пливачки маратон, иницијатива за возобновување на светиклиментовиот униеверзитет, како и за визиите на членовите за развој на Охрид. 

Т.К.