На денес одржаното продолжение на четвртата седница на Локалниот економски совет градските татковци, меѓу другото, расправаа за развојните планови за автокампот Андон Дуков, по претходно дадените насоки од страна на владината комисија, околу идниот развој на автокамповите кои се наоѓаат на брегот на Охридското езеро.
Градските татковци ја разгледаа и информацијата на локалната самоуправа за активностите поврзани со воспоставувањето на редовни субвенционирани летови од охридскиот аеродром.
– Во изминатиот период сме во интензивни преговори со неколку авио агенции кои пројавија интерес да етаблираат редовни летови од охридскиот аеродром и врз основ на преговорите , согледувајќи ги реалните можности на Охрид, како и интересите на потенцијалните авио агенции, изготвивме тендерска документација за подршка на туризмот во Охрид врз основ на која ќе бараме партнер за воспоставување линии. Тендерската документација е завршена и денес или утре ќе биде објавен јавен оглас за изнајмување на авио агенција која ќе врши промоција на градот преку воспоставување на регуларни авио летови од нашиот аеродром, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Членовите на Локалниот економски совет ја разгледуваа и информацијата за проектот за изградба на индустриска развојна зона во Мауцкер, како и за заложбите за изградба на пензионерски дом.
– Со низа активности сакаме да ги стимулираме евентуалните инвеститори кои сметаат дека Охрид е вистинско место за изградба на дом за стари лица , што е неопходна потреба за населението. Целта е да ги поттикнеме да пројават јавен интерес и предложат идеи за реализација на овој голем проект, изјави градоначалникот.
На денешната седница беше разгледана и информацијата за состојбата со времените објекти, иднината на стопанските објекти кои не функционираат, а се разговараше и за формирањето на работна група за изработка на стратегија за економски развој на Охрид.
Т.К.













