Неколку хотели и угостителски објекти на охридско-струшката ривиера биле оштетени од Т.А. „Летс Травел“ која не ги подмирила обврските за реализираните аранжмани и услуги. Неофицијално, оштетени биле и локални автопревозни и бродски компании, како и туристички агенции кои продавале аранжмани на „Летс травел“. Колкави се нивните побарувања засега  не се знае прецизно,  затоа што се уште се пресметуваат направените загуби, велат претставници на туристичкиот еснаф, од каде очекуваат надлежните институции целосно да го расветлат случајот.

Во СВР Охрид веќе е отворена постапка која се води во соработка со МВР, бидејќи оштетени се субјекти од повеќе градови во земјата. Покрај правни, оштетени се и физички лица на кои не им биле реализирани продадените туристички аранжмани, а случајот во полицијата бил пријавен од одговорното лице во охридското претставништво на „Летс Травел“ Филип Стефаноски.

-Во врска со оваа туристичка агенција во СВР Охрид на 22 август пријавено е кривично дело „Измама“. Пријавител е раководителот на туристичката агенција според кој во Охрид вкупно две семејства извршиле уплата во агенцијата за летување во Северен Кипар, но до реализација на одморот не дошло бидејќи летовите за С. Кипар во меѓувреме биле откажани
, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Контактиравме со раководителот на претставништвото на „Летс Травел“ во Охрид, кој во телефонски разговор ни изјави дека за откажувањето на чартер летот за Северен Кипар, по што започна да се одмотува клопчето од измамата, бил информиран од сопственикот на компанијата 24 часа пред закажаниот лет. Тој рече дека во моментов во јавност не може да изнесе никакви други детали за случајот.

Претставништвото на „Летс  травел“’ во Охрид не работи веќе извесен период, бидејќи сите вработените по обелоденувањето на аферата си дале отказ.

Туристичките агенции кои имале склучено договори со „Летс Травел“ за аранжманите за Северен Кипар, што беа откажани на 20 август, на зеедничка прес конференција денеска побараа активирање на полисата за осигурување од одговорност за да им се рефундираат средствата што им ги имаат исплатено на патниците како обесштетување. Доколку тоа не се случи на одредени агенции им се заканува опасност од затворање, предупредија од Стопанската комора за туризам.

Според Стопанската комора за туризам 19 агенции, нејзини членки, кои уплатиле средства за туристичките аранжмани во „Летс Травел“ биле оштетени за околу 86 илјади евра.

Горан Момироски