Во последните пет години трошоците за живот се зголемиле за 2.984 денари, а просечната плата се зголемила само за 407 денари! – посочија од неформалната иницијатива „Граѓаните на Македонија“ која денеска во повеќе градови во земјава, меѓу кои и во Струга, спроведе граѓанска акција под мотото „Заслужуваме подобро“. Порачаа дека граѓаните заслужуваат повеќе од парче леб.
-Бараме влада која ќе обезбеди подобра живејачка! Имаме право да бараме државата да обезбеди „социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот“, онака како што пишува во преамбулата на Уставот. Не заслужуваме власт која ги задолжува нашите деца и внуци. Не заслужуваме власт која неодговорно троши на чоколада, кога немаме ни за леб. Затоа, бараме власт која нема да троши на луксуз, туку ќе се бори против немаштијата. -порачаа учесниците на собирите.
Тие истакнаа дека граѓаните заслужуваат чесна власт и политичари кои народните паре ќе ги трошат за потреби на граѓаните, дека заслужуваат да гласаат без страв, болници што лекуваат, а не заразуваат, а младите да бидат на прво место.
-Бараме достоен индивидуален и семеен живот во својата земја. Имаме право и бараме нови студентски објекти, креативни и културни центри, библиотеки, кино сали и простори за алтернатива. Партиската книшка не смее да биде критериум за вработување. На секој од нас, под еднакви услови треба да ни биде достапно секое работно место.Тоа ни го гарантира нашиот Устав. Ние не сме граѓани од втор или трет ред. Потребен е силен напор на институциите и на општеството, а тоа е можно и мора да се обезбеди – веднаш. – рекоа учесниците на собирите.
Тие побараа пристојни училишта и издржани реформи во образованието, како и подобра општествена грижа и заштита на живорната средина.
-Имаме право да бараме од оние кои се на власт да ја штитат природата во наше име и во наш интерес. Заслужуваме реки и земјишта кои не се затруени и затрупани со ѓубре. Заслужуваме храна која не е затруена со отрови. Го заслужуваме она што веќе одамна го имаат граѓаните на многу други држави. -истакнаа учесниците на собирите.
OhridNews