Реформи во администрацијата, здравството…. силни медиумски кампањи за зголемување на ефикасноста на јавните служби. Но, дали во реалноста е така. Доволно е само да тргнете да завршите некоја обична административна работа, па да се уверите дека се’ уште клуч за успех е да се има пријател во некоја од институциите кои се финансираат од народни пари. Не случајно охриѓани имаат свои имиња за дел од институциите. Има примери за позитивни промени, но се малку.

Доколку пак решите да регистрирате возило, подобро земете си слободен ден, затоа што една рутинска обврска која во нормални земји би требало да не ви одземе повеќе од половина час доколку со вашиот миленик на четири тркала е се во ред, кај нас знае прилично да се оддолжи. Откако ќе ви почне техничкиот преглед службениците пристојно ќе ве информираат дека целокупната процедура не можете да ја завршите на ЕДЕН ШАЛТЕР, туку ќе мора малку да се прошетата до банка или пошта за да уплатите дел од обврските кон надлежни институции, како трошоци за патишта, налепница за регистрација и слично. Е сега ако не ви стават печат на уплатницата дека е извршена уплата, повторно љубезно ќе ве вратат назад поради корекција. По овие формалности и изборот на осигурителна компанија повторно не можете да ја комплетирате процедурата, затоа што само за еден печат мора да го посетите СВР Охрид, но само до 14 часот и во периодот наведен за регистрација на возила. Зошто е тоа така, ни беше кажано дека имало одредени проблеми во комуникацијата и подмирување на меѓусебните обврски помеѓу институциите и службите овластени за регистрација на возила во делот со уплатите, а полицијата немало доволно вработени да одговори на барањата на сојузите и здруженијата кои работат со регистрација на возила, па затоа граѓанинот мора да се шета од едно место на друго за да го регистрира своето возило.

Г. Момироски