Услугите на Катастарот заслужуваат оценка од 3,94 на скалило од 1 до 5, покажува анкетата за задоволството на граѓаните од работата на Агенцијата за катастарот на недвижности, објавија нациналните медиуми.
Пред почетокот на десетгодишниот проект „Катастар на недвижности и регистрација“, што Агенцијата го заврши вчера, оценката на граѓаните изнесувала 2,74. Проектот е спроведен со финансиска и експертска поддршка со Светска банка, Холандија, Шведска и Јапонија. За првиот дел, што траеше од 2005 до 2010 година, биле потрошени 10 милиони евра, а за вториот што Катастарот го спроведе со Управата за имотно-правни работи, се одвоени 9,3 милиони евра.
Горан Тињиќ, в.д. директор на Светската банка за Македонија, на завршната конференција за проектот потенцира дека е важно што системот на Катастарот сега е достапен на целата територија на Македонија. Тоа, укажа, значи дека секоја општина и бизнисите во нив имаат подеднаков пристап до услугите на Агенцијата за катастар на невдижности.
Според директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, спроведени се крупни реформи и надминати се индикаторите од проектот за што е доказ и зголемената и висока оценка од граѓаните.
-Исполнета е главната цел на проектот, воспоставен е катастар на недвижности на целата територија на Македонија, при што се регистрирани 4,1 милион парцели и 748.167 објекти. За 74 проценти е зголемен бројот на трансакции, за 188 проценти на регистрирани хипотеки, а времето за нивна регистрација се сведе на еден работен ден, рече Трпески дополнувајќи дека територијата на државата денес е 98 проценти покриена со дигатални катастарски планови, а 90,5 проценти се во редовна секојдневна употреба.
Обезбедена е и 100 процентна покриеност со современи геодетски мрежи со висока точност. Со воспоставениот електронски катастар и над 700 професионални корисници имаат 24 часовен пристап до до податоците на кататсарот.
OhridNews