Проектот се реализира во Охрид и Струга, низ средби и непосреден контакт на полициски службеници со граѓаните, во централните и периферни градски подрачја, на градските пазари, на плажите и паркинг просторите по целото крајбрежје, со делење на едукативни флаери и кратки совети за безбедност и неопходност од превенирање на кражбите.
Низ средби и разговори, со проектот, ќе бидат запознаени и вклучени претставници на Црвениот крст, на угостителските објекти, советодавните групи граѓани, концесионерите на плажите како и обезбедувањето на паркинг просторите.

– Во тој контекст, полицајците велосипедисти, како и другите полициски службеници, ќе реализираат низа превентивни активности кон туристите низ плажите и граѓаните кои живеат и престојуваат во Охрид и Струга, со што ќе се направи обид за потенцирање на личната грижа на граѓаните за своите вредни предмети и секако обид за намалување на бројот на кражби и подобрување на општата безбедносна состојба, потенцираат од СВР- Охрид.
Во текот на изминатата туристичка сезона, поточно во Јули и Август 2011 година, во Охрид и Струга, биле пријавени 192 кривични дела кражба. Оваа бројка, споредено со истиот период 2010 година, значи намалување на бројот на пријавени кражби, кога биле евидентирани вкупно 229 кражби.
Проектот „Превенција од кражби“ се реализира во соработка со локалните самоуправи во Охрид и Струга.












