Владата им понуди на граѓаните кои живеат во државни социјални станови да ги откупат становите. Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески појасни дека Владата се одлучила на ваков чекор поради големиот интерес на корисниците на социјални станови да ги откупат домовите за кои сега плаќаат кирија.
Парите од продажбата на становите ќе бидат искористени за изградба на нови социјални станови.
– Лицата корисници на овие станови можат да поднесат барање за купување до АД за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, по истекот на закупничкиот период кој не може да биде пократок од пет години. Лицата кои не ги исполнуваат условите за откуп на овие станови ќе продолжат да ги користат со плаќање на закупнина, чија цена зависи од висината на вкупните приходи на семејството кое живее во станот, односно доколку имаат пониски приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат социјална закупнина од 15-20 денари по метар квадратен или, пак, доколку имаат повисоки приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат закупнина од 60-85 денари по метар квадратен, во зависност од локацијата на станот, информира министерот Јанакиески.
Лицето кое сака да го откупи државниот стан треба да исполнува неколку услови меѓу кои: да нема долг по основ на закупнина, никој во семејството да нема куќа или куќа за одмор или деловен простор во нивна сопственост или да не се корисници на друг стан или деловен простор во државна сопственост и лицето, неговиот брачен другар и членовите на неговото заедничко домаќинство да не примаат поголем доход од 100 отсто просечна плата.
OhridNews
извор: Макфакс