Бучавата во централното градско подрачје постои, но затоа извештајот за Стратегиската оцена на влијанието на животната средина има предвидено мерки кои инвеститорите треба да ги преземат за да дојде до заштита од бучавата на граѓаните кои живеат во објектите.


Тоа се мерки кои ние како експерти за животна средина ги препорачуваме. Меѓу нив е и засадувањето на заштитни зелени појаси во рамки на парцелите, како и при градењето да се користат материјали кои овозможуваат поголема изолација од бучавата. Се укажува на тоа како да се однесуваат градежните работници, како да бидат покриени камионите, но и околу навлажнувањето на улиците. Колку ваквите мерки се почитуваат од страна на изведувачите на градежните зафати врз објектите кои се подигнуваат, тоа е надлежност на инспекциските органи, потенцира  Пеце Мирчески- експерт за стратегиска оцена на животна средина, кој денес во рамки на организираната јавна расправа го презентираше извештајот за стратегиската оцена на влијанието на животната средина за нацрт ДУП за УЗ 1, дел од блок 1.2, 1.4 и дел урбан блок 3.4.


Со извештајот се предвидени и мерки во однос на сообраќајот во централното градско подрачје. Со нив, како што истакнува Мирчески, е предвиден минимум на возила кои би се движеле во централното градско подрачје, пред се затоа што во овој дел од градот има голема фреквенција на туристи, но и со цел да се намали загадувањето на воздухот од издувните гасови од возилата.

Исклучок би биле возилата кои вршат дотур на средства во угостителските објекти во центарот на градот. Сепак за режимот на сообраќај и со колкав интензитет тој ќе се одвива  одлучува локалната самоуправа, вели Мирчески.


И покрај важните сегменти кои ги содржи извештајот, интересот на граѓаните за јавната расправа и денес многу слаб. На неа присуствуваа само двајца жители од централното градско подрачје.

Оние забелешки кои беа изнесени на расправата ќе се содржани во записникот од кој ќе биде изготвен и конечен предлог извештај за статегиска оцена, кој ќе биде доставен до министерството за животна средина и просторно планирање за одобрување. Надлежното министерство потоа треба да донесе решение по стратегиската оцена кое ќе биде составен дел на предлог урбанистичкиот план, за кој потоа ќе расправа советот на општината.

Т.К.