Охриѓани се оптимисти дека со воведувањето на забраната за откуп на остатоци од производи од  железо, челик, алуминиум,  ќе се намали и бројот на кражбите  кои во изминатиот период ги имаше во голем број. Се крадеа  решетки, олуци, врати, огради, шахти, а не ретко на мета на крадците беа станбените згради од каде во неколку наврати исчезнаа и вратници од куќишта каде се чуваат струјомерите.


– Доколку крадците немаат каде да ги продаваат, нема и да ги крадат. Тешко  дека може некој на друг начин да ги сопре оние кои се осудуваат да извршат вакви кражби, често пати загрозувајќи го и сопствениот живот и животот на другите оставајќи отворени шахти или крадејќи капаци од кутии во кои се наоѓа дел од електрична инсталација, велат тие.

Од локалната самоуправа информираат дека нелегални отпади на кои се откупува старо железо веќе подолго време нема во Охрид и околината, но затоа крадците најчесто ваквите предмети ги продавале во Струга. 


Забраната за откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, која деновиве стапи на сила и важи за наредните шест месеци, доколку има потреба ќе се продолжи , најавуваат од министерството за животна средина и просторно планирање. Како што потенцираат од министерството, забраната е воведена со цел да се штити јавниот инетрес, животната средина и животот на граѓаните.

Во Законот за управуавње со отпад, стои одредба дека се забранува откупување на вакви предмети и доколку до операторите дојде таков украден предмет тие се обврзани веднаш да ја известат полицијата или Министерството за животна средина. И покрај тоа, пријавувањата од страна на операторите на украдените предмети кои потоа се продаваат како старо железо се многу ретки, поради што и следеше ваквата забрана, објаснуваат од надлежното министерство. 

Кражбата на шахти, сообраќајни знаци, трансформатори и слични предмети е кривично дело казниво од три до 10 години затвор, доколку се работи за поголема група минималната казна е четири години.

Т.К.