Граѓаните покажуваат поголем интерес за изградба или за купување куќа во типска населба, по презентирањето на измените во проектот „Купи куќа, купи стан“, со кој државата го субвенционира обезбедувањето нов дом за живеење.

Министерот за финансии Зоран Ставрески, на прес конференција вчера , рече дека покрај зголемувањето на субвенционирањето од страна на Владата од 50 на 75 проценти во ратата за првите пет години, се овозможува на граѓаните кои живеат во постарите скопски населби да го урнат стариот објект или барака и да си изградат нов, пренесува „Макфакс“.

„Ова побудува голем интерес и во изминативе денови веќе имаме повици, мејлови и слично. Верувам дека на граѓаните ќе им излеземе во пресрет преку овој проект“, рече Ставрески.

Според него, овој владин проект станува попривлечен откако беше направена нова измена, со што се овозможува да не се враќаат средствата што ги субвенционира државата по 10-тата година, ако граѓанинот предвреме реши да го врати кредитот

„Направивме конкретна програма за тоа колку и каде во наредниот период ќе може да се понудат локации, плацеви и парцели за изградба на индивидуални куќи, но и на помали типски населби каде што приватен инвеститор ќе изгради еден блок или повеќе блокови на куќи и потоа ќе ги продава на граѓаните по цена која што, се разбира, ќе биде пониска отколку ако секој сам гради“, појасни Ставрески.

Тој појасни дека можноста за изградба на типски населби, покрај во скопските општини, е отворена и за други општини каде што има урбанизирано парцели за изградба на 200 до 300 куќи.

OhridNews
извор:„Макфакс“