Охриѓани се жалат дека низ градските улици во последниот период се поголем е бројот на кучиња скитници и апелираат надлежните конечно да преземат мерки и да го решат проблемот, потенцирајќи дека не се за нивно усмртување, туку третирање согласно законот.
– Повеќе од 10 дена низ централното градско подрачје, кај пазарот, се шетаат чопори кучиња-скитници кои влеваат страв кај жителите. Како е можно никој од належните да не реагира за ова, ниту да се ангажира за трајно отстранување на проблемот, кој со натамошно игнорирање може да предизвика само трагедија. Преку Вашиот медиум алармираме за поскоро решавање на оваа состојба, која на никого не му оди во прилог, велат жители кои со допис се обратија до редакцијата на OhridNews.
Согласно законот за здравствена заштита и благосостојба на животните, обврска на локалната самоуправа е да се грижи за здравствената состојба на кучињата кои се во рамки на општината и да преземе мерки за нивно соодветно згрижување.
Дознаваме дека во текот на вчерашниот ден се одржал состанок меѓу претставници на локалната самоуправа и јавното претпријатие „ Охридски комуналец“ на кој се разговарало за овој проблем, при што начелно биле договорени мерките кои ќе бидат преземени за изградба на стационар во кој ќе се носат кучињата скитници. Засега не е позната локацијата на која ќе биде сместен стационарот, ниту пак кога ќе почне со работа.
Согласно законот за здравствена заштита и благосостојба на животните, објектите за сместување, прифатилиштата за кучиња скитници треба да бидат изградени на места кои не ја нарушуваат работата и интегралноста на постоечките објекти и да не ја загадуваат околината. Да се изградени најмалку на 500 метри од населено место, а доколку оддалеченоста е на помалку од 500 метри да се заградени со цврста ограда доволно висока за да се визуелно и звучно изолирани од околината. Оградата треба да спречува влез и излез на животни, просторот да е простран , да има доволна количина вода за пиење, храна, да се исполнети општите хигиенски услови, да има соодветни услови за сместување, дневна светлина, животните да не се изложуваат на физичка болка, глад и жед, повреда и нормално да можат да се однесуваат и движат. Законот предвидува и во прифатилиштата да има 24 часовно дежурство за да се овозможи постојан прием на животни, а најмалку едно лице треба да се грижи за 20 кучиња.
Пред три години имаше најави дека проблемот со кучињата скитници ќе се решава со заедничка соработка помеѓу општините Охрид, Струга, Вевчани и Дебрца, со цел заедничко организирање на прифатилиште за кучиња скитници и други животни. Според најавите предвидено беше секоја општина да формира своја служба за заловување на животни кои ќе се третираат во заедничкиот стационар што ќе биде изграден во старата ветеринарна станица во селото Белчишта, општина Дебрца. Но поради неусогласени ставови околу финансирањето на прифатилиштето најавите не се реализираа.
Т. Кувенџиска