Во текот на последните години, најголемиот број поплаки  од граѓаните се однесуваат на работата на правосудните органи, меѓу кои и на извршителите, истакна народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети кој учествува на тркалезната маса за поефикасна заштита на фундаменталните човекови права што се одржува во Охрид.

–  Извршувањето во Република Македонија на почетокот им создаваше големи проблеми на граѓаните, било од формален аспект или поради тоа што она што е пропишано во закон, не се почитува или не се спроведува како што треба. Народниот правобранител им помагаше на граѓаните на почетокот, но неговата ефикасност беше послаба затоа што извршителите не го прифаќаа во доволна мерка и не прифаќаа тој да ги мониторира односно да ги контролира нив во однос на вршењето на нивната работа, рече Мемети.

Тој додаде дека со текот на времето народниот правобранител има се подобра комуникација со извршителите, но и покрај тоа граѓаните и понатаму се соочуваат со низа проблеми.

– Во нашиот систем има голем број на права особено во делот на социјалата каде што извршителите не смеат согласно законот да ги зафаќаат тие права, но некогаш, од незнаење или од други причини се случува да извршителите, надвор од законот, да посегнат по правата на граѓаните. Имаше и случаи каде извршителите на почетокот наместо да ги прашуваат граѓаните дали тие се приматели  на одредена социјална помош или на приходи кои не смеат да ги опфатат со извршувањето, да делуваат без да ги прашуваат нив, рече Мемети.

Народниот правобранител информира и дека граѓаните  имаат проблеми и со банките, како и со избирачкото право.

Тркалезната маса е во организација на Народниот правобранител на Република Македонија и на американската амбасада во Скопје.