Злоупотреба на бесплатниот паркинг простор, немањето соодветна атмосферска канализација и асфалт, како и слабото улично осветлување, се само дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните кои живеат во строгиот центар на булеварот „Македонски просветители“ веднаш зад Основниот суд Охрид.

Овие проблеми за кои проговорија жителите од централното градско подрачје, се влечат со години наназад, а највпечатливи се во зимскиот и летниот период од годината. Како што објаснуваат тие, на овој потег секојдневно се паркираат автомобили на приватни лица, кои го користат просторот наменет за жителите од оваа улица.

Темно е и нема улично осветлување. Се давиме во кал за време на зимата, а се гушиме во прашина во летниот период „благодарение“ на сите оние кои сакаат да се паркираат бесплатно во строг центар.“ – вели жителка од строгиот охридски центар.

Според жителите од булеварот „Македонски просветители“, недозволиво е во 21-виот век улица во центарот на градот да не биде асфалтирана и да нема атмосферска канализација.

Газиме во кал и вода како да сме во некое најоддалечено село. Едноставно ова не е дозволиво за туристички бисер, каков што е Охрид.“ – велат граѓаните.

Тие се надеваат дека надлжените служби во скоро време ќе имаат слух за овие проблеми, односно ќе излезат во пресрет на граѓаните.

Би сакале да добиеме одговор од службите, дали и кога некој ќе го среди овој хаос во центарот на Охрид.“ – прашуваат охриѓани.

И покрај уредно доставениот допис на OhridNews до надлежните служби, во текот на вчерашниот ден одговор за проблемот на кој се жалат граѓаните не добивме.

О.Т.