Воведување на новиот закон за развојни туристички зони, ќе доведе до национализација на имотот на граѓаните, општината и цркавата.“ – потенцира градоначалникот на Охрид Александар Петрески, пред охриѓани кои и вечерва беа дел од Граѓанскиот парламент, одржан пред споменикот „Св. Кирил и Методиј“ во центарот на градот.

Според него, имотот на граѓаните вклучувајќи го и оној во Љубаништа, ќе им се даде како подарок на „инвеститорите“.

Ако вака се продолжи, ќе се случи најголемата национализација на земјиштето. Владата ќе може без прашање да го одземе имотот на граѓаните. Целиот посед, како и оној во Љубаништа ќе се даде на подарок за 1 евро од метар квадратен, на некои инвеститори и белосветски измамници. Затоа треба да ја издржиме оваа битка. Борбата ја водиме за да се врати демократијата во земјава, која е веќе изгубена.“ – изјави Петрески.

Филип Јованоски, дипломиран политикололог од редовите на ВМРО НП, запраша што се случува со високото образование во земјава.

Со отворањето на вечерни факултети во секое село од Македонија, упропастени се генерации млади луѓе. Тие денес немаат каде да работат, бидејќи не се стекнале со соодветно образование за да можат да конкурираат на пазарот на трудот. Повеќе од половина млади спасот го бараат по светот, далеку од татковината. Затоа ние сме тука, да и кажеме на власта дека не живееме во нивната бајка која ни ја претставуваат.“ – рече Јованоски.

Новинарот Милчо Јованоски, истакна дека треба да се смени политиката на затворање на медиумите.

Мракот на екраните треба да го претвориме во зрак, кој всушност е овој отпор кој се шири низ земјава. Ние сите сме со желба, Македонија да оди напред како демократска земја. Цели три децении работам како новинар, почнувајќи во социјализмот и во годините на осамостојување. Но никогаш не било полошо. Новинарите треба да бидат кореткори на јавноста, власта, опозицијата, демократските процеси. Она што се случи на 24-ти декември, е срам за демократијата.“ – изјави пред охриѓани, новинарот Јованоски.

Граѓанскиот парламент продолжува и утре, пред споменикот на „Св. Кирил и Методиј“ во централното градско подрачје, од 18 часот.

OhridNews