Попладнево, на езерското крајбрежје пред хотел Палас беше изведен завршниот дел од обуката на граничната полиција за спасување давеник во вода и како да се постапува при укажување прва помош. Обуката беше спроведена од страна на сертифицирани инструктори од општинскиот Црвен Крст , во соработка со инструктори од Англија.

Оваа обука значително ќе придонесе во професионалното и ефикасно справување на полициските сужбеници во случаи на давеници и навремено пружање прва помош. Полициските службеници од граничната полиција се во постојан едукативен процес, целта е да се обезбеди максимална безбедност на вода и мирно лето за охриѓани и туристите во градот, потенцира портпаролот на СВР Охрид, м- р Стефан Димоски.

Во завршниот дел од обуката по однапред подготвено сценарио  се симулираа мерките за спасување на давеник и давање прва помош, што воедно значи и практично оценување на полициските службеници за нивните стекнати вештини и знаења.

Тоа е проблематика која постојано се менува и затоа ги користиме ресурсите на инструкторите од Ангија кои доаѓаат секоја година, а обуката се изведува со подршка на локалната самоуправа и Црвен крст. Станува збор за квалитетни обуки при што се обучуваат голем број вработени во граничната полиција според највисоки стандарди со цел оваа летна сезона подготвено да одговориме на сите предизвици, изјави претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Теоретскиот дел од обуките за припадниците на граничната полиција се изведуваа во просториите на Црвениот крст-Охрид.

OhridNews