Градежната фирма „Гранит“ на државата и плати 250.000 евра за правото на сопственост над некогашниот Полигон за мали спортови во Охрид, кој оваа компанија еднаш веќе го доби со судско извршно решение, како компензација за долговите на општина Охрид. Со ова „Гранит“ и официјално стана сопственик на просторот, кој неодамна започна да се оградува.

Информацијата ја потврдуваат од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина од Охрид, од каде посочуваат дека  „Гранит“ ги регулирал имотно правните работи за кои подолго време водеше судски спор со катастарот во однос на сопственоста на просторот кој се протега на околу 7500 метри квадратни. Раководителот на секторот, Бранко Арнаудоски, објаснува дека овој простор во периодот кога со него стопанисуваше општината е компензиран за долговите кон „Гранит“, поради кои уште беа отстапени и старото школо „Св. Сава“ и еден угостителски објект. Ваквото подмирување на долговите го оспоруваат државните институции, што според Арнаудоски не држи, затоа што отстапувањето на имотот е извршено согласно судска одлука, а не врз основа на слободна волја на засегнатите страни.

-Донесена е правосилна судска пресуда за компензација на тој имот, а не е тоа некаква спогодба помеѓу општината и „Гранит“, изјави Арнаудоски. Тој појасни дека врз основа на таа судска одлука „Гранит“ од катастарот добил право на користење на просторот, но не и право на сопственост, за по завршување на жалбената постапка претпријатието да биде задолжено да изврши приватизација на земјиштето за кое тоа  доплатило средства и добило имотен лист, што значи дека просторот сега е во негова сопственост.

Согласно планот кој е во важност, на просторот на некогашниот Полигон за мали спортови предвидена е изградба на Конгресен центар, за што има и идејно решение кое беше промовирано уште пред три години. Речиси идентичен објект е предвиден во проектот „Скопје 2014“, што предизвика полемики кај стручната јавност. Според неа новата зграда на филхармонијата многу наликува на охридскиот Конгресен центар.

Г. Момироски