Со Оперативниот план за 2017 година со Програмата за  самовработување ќе бидат опфатени 1.050 невработени лица од евиденцијата на АВРМ – активни баратели на работа вработени во 1.000 новоотворени микро претпријатија. Право на аплицирање за учество во програмата за Самовработување имаат сите невработени лица евидентирани како активни баратели на работа. За реализација на секое самовработување се предвидува поддршка со неповратни средства во висина од 263.940,00 денари од кои 246.000,00 денари во вид на директна поддршка за набавка на опрема и/или материјали, додека 17.940,00 денари се наменети за поддршка во вид на основна обука за претприемништво и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите, информира министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.

Тој додаде дека кандидатите кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кој јасно укажува на потреба од дополнително вработување на уште 1 лице имаат можност да аплицираат за грант кој ќе поддржи самовработување на основачот на фирмата и дополнителното вработување. Основачот на правниот субјект ќе има обврска да го задржи дополнително вработеното лице најмалку 12 месеци.  Истовремено, корисниците на оваа програма ќе можат да ги користат можностите што ги нуди Проектот “Македонија вработува 2“, согласно одредбите на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

 “Со програмата ќе се поддржат и најмногу 20 бизнис планови за рурални поддрачја, со можност да се набават квалитетни грла (молзни крави, кози, овци) од овластени производители или увезувачи. Ги повикуваме сите заинтересирани невработени лица кои имаат интерес за учество во оваа Програма и да ја реализираат својата бизнис идеја, да се пријават во еден од 30-те центри за вработување низ Република Македонија, каде стручните лица ќе им ги обезбедат сите потребни информации и поддршка.”, рече министерот Ибрахими.

Програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис –план и регистрирање на дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство за време на започнување на бизнисот.  Преку програмата за Самовработување успеавме да ги поттикнеме голем број на млади, но посебно и жени кои имаат претприемачки дух и желба да станат свои газди. Преку 35% од основачите на бинзиси се жени, додека 31% се млади до 29 години. Во програмата за Самовработување ќе се вклучат и кандидатите од мерката Обука за стекнување вештини од стари занаети, кои успешно ќе ја завршат обуката и ќе изразат желба да основаат занаетчиска дејност (правен субјект).

Надлежните ги повикаа заинтересираните невработени лица кои имаат бизнис идеја и план, посебно оние кои минатиот пат се нашле на резервната листа да аплицираат во наредните денови бидејќи огласот веќе е активен. Годинава грантот изнесува 4.000 евра, што е зголемување за илјада евра во однос на изминатите години. Ова е направено  врз основа на направените анализи и консултациите со експертите и изготвувачите на бизнис-плановите.

OhridNews