Грчките тур-оператори на ирационален начин се обидуваат да ја минираат охридската туристичка понуда на за Охрид мошне важниот српски пазар, дотолку што токму гостите од Србија години наназад се најбројни на ривиерата.
– Изненадени сме од информациите кои го добивме од нашите колеги од Србија кои истакнаа дека грчките тур-оператори ги условиле српските, дека можат да ја продаваат Грција доколку не го нудат Охрид, што прв пат се случува, изјави Перо Јакимоски од Т.А. „Генералтурист“, кој и самиот е вчудоневиден од каде таквата загриженост на Грција, односно дали Охрид е толкава конкуренција за еден таков потег.
И градоначалникот на Охрид, исто така смета дека таквиот потег е неразбирлив, со оценка дека секоја таква иницијатива однапред е осудена на неуспех.

Претставниците на српските тур-оператори и медиуми кои деновиве престојуваат во Охрид на покана на локалната самоуправа, сметаат дека она што Охрид го нуди, а посебно гостопримливоста кон српските гости се адутите на Охрид поради кои тие и натаму ќе доаѓаат тука.
-Конкуренцијата е силна, но Охрид има свои предности. Како што напоменав, доколку истите тие се спакуваат во еден пакет со поволна цена, сигурно дека и годинава Србите ќе бидат најбројни гости на орхидската ривиера, истакна Мишо Вујовиќ, уредник на списанието „Национална ревија“ .











