Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коцијас го блокираше на Твитер претседателот на Обединетата македонска дијаспора – ОМД Методија Коловски.

-Утрово, министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коцијас, без никаков очигледен повод, го блокираше претседателот на Обединета Македонска Дијаспора, Методија А. Колоски, на социјалната мрежа Твитер. Колоски истакнува дека немало никаква провокација или каква било постапка од негова страна која би предизвикала ваква реакција. Ваквата постапка на Коцијас е само еден од многуте примери за тактиката со која Грција пристапува во својот однос кон Македонија. Наместо да покаже волја за отворен и конструктивен дијалог во обид да се најде решение за небулозниот спор околу името, грчката влада се обидува да ја замолчи другата страна бидејќи знае дека историјата, фактите и здравата логика се против неа. – информира ОМД.

Грција не го признава постоењето на посебен македонски етникум, јазик или народ во Грција. На грчки државјани кои се идентификуваат како Македонци, грчката влада им ги ускратува основните човекови слободи на говор, вероисповед, печат и здружување, смета ОМД.

-И покрај ваквата тактика на грчката влада, ОМД одбива да биде замолчена и ќе продолжи со помош на своите поддржувачи да ја застапува глобалната македонска заедница и нашата татковина со нејзиното уставно име Македонија, како и со нејзините човекови права и вредности кои важат за сите нејзини државјани. ОМД се стреми кон соработка со пошироката меѓународна заедница со цел унапредување на универзални идеали како мирот, слободата, правото на самоопределување, еднаквоста и правдата.- истакнуваат од ОМД.

OhridNews