Купишта отпад за чие транспортирање е потребен камион, деновиве се подигаат од брегот на езерото. Големите бранови на површина повторно ја исфрлија сета негрижа и недостаток на совест на жителите околу бисерот на Балканот, Охридското езеро.

За жал бројните апели на екологистите, вљубениците во природата и сите кои имаат развиено совест и почит кон природата, не помагаат. И брановите и акциите на нуркачите за чистење на дното на езерото не можат да исчистат онолку колку што луѓето можат да фрлат и загадат.    

Од акцијата на нуркачите за чистење на езерото

Дополнително проблемот го зголемува и очигледно ниската свест на граѓаните од другата страна на езерото, од кај нашиот сосед, бидејќи стручните лица сметаат дека голем дел од отпадот доаѓа токму од таму.

Загадени се и реките од сливното подрачје кои целосно ја девастираат флората и фауната во езерото. Овие слики укажуваат дека реката Сатеска носи се со себе- секаков вид на отпадоци, но и тиња и речна песок која навлегува и се шири на стотици метри квадратни, можеби и повеќе, загрозувајки ја еколошката рамнотежа на езерото.

Од Центарот за развој на југозапдниот регион потенцираат дека од нивна страна со години се иницира и зборува за разбработка на некој проект за решавање на овие проблеми.

За жал нема особен интерес од општините кои директно треба да се вклучат во решавањето на проблемите што ги носи Сатеска, а тоа, пред се, се однесува на Охрид, Дебрца и Струга. Ништо поразлична не е сликата и со другите реки: Далјан и Сушица, како и помалите водотеци кои од Петрино и Галичица навлегуваат во езерото, велат од центарот.

Тука е и проблемот со колекторскиот систем кој години наназад не функционира, а владата најави дека ќе ја преземе обврската. Како што неодамна истакна градоначалникот Јован Стојаноски, станува збор за еколошка бомба и серизона опасност.

Изработивме проект кој ќе го доставиме до владата со барање за решавање на колекторскиот систем. Имаме разговарано со меѓународни фондации кои се подготвени да излезат во пресрет и финансираат. Пак ќе разговараме со премиерот и се надевам дека конечно ќе има решение, изјави Стојаноски кој најави дека во текот на март ќе бидат разгледани и неколку проекти поврзани со екологијата со чија помош ќе се решат бројни проблеми.

Останува да се чека на реализација на ветеното и тоа да биде што поскоро за да не се уништи она што со векови пред нас опстојувало. Во меѓувреме подигањето на еколошката свест да биде меѓу приоритетите на општините и во образованието.

Т.Кувенџиска