ООУ „Григор Прличев“ Охрид е прворангирано училиште на државно ниво за проект поддржан од Фондот за иновациски и технолошки развој – ФИТР и Министерство за образование и наука – МОН.

Од вкупно деветнаесет основни и средни училишта од целата држава кои ќе реализираат зелени проекти за зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот во рамките на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти”, кој го спроведува ФИТР во соработка со Министерството за образование, ООУ „Григор Прличев“ Охрид со својот проект „влијанието на користењето на алтернативните извори на енергија врз зачувувањето на здрава еколошка средина“, е прворангирано училиште во рамките на целата држава. Во проектот учествуваат ученици од 6 – 9 одделение под менторство на наставниците Цветанка Ристеска и Благоја Ристески.

Имаме ученици кои направија извонредна макета како нацрт – идеја за проектот. Честа е голема, среќата уште поголема. Да бидеш прв во цела држава е несомнено огромно достигнување. Нашето училиште е училиште кое става акцент на значењето на екологијата. Како училиште сме вклучени во различни еколошки акции и во тек на наставата и воннаставните активности. Овој проект ќе биде добра можност преку сите овие активности уште еднаш да го промовираме и потенцираме значењето на зачувување на здрава и чиста животна околина, со перспективни активности за целосна замена на потрошувачката на електрична енергија со соларна енергија- вели директорката на училиштето Ивана Маховска Шикалеска.

OhridNews