ГРК Охрид ја забележа осмата победа сезонава во ракометната Супер лига, совладувајќи го Младост 1977 од Богданци со 24:20 (13:11), во натпревар од 10. коло. Со новите бодови „гладијаторите“ остануваат во самиот врв на табелата.

Гостите, предводени од поранешниот тренер на Охрид, Горан Андоновски, пружија солиден отпор, но домашниот состав ја оправда фаворитската улога и стигна до рутинска победа.

Во редовите на Младост настапија и двајца поранешни ракометари на Охрид, Даниел Андоновски и Владимир Бојаниќ. Натпреварот го одбележаа и два црвени картони, поради кои предвреме теренот го напуштија Бојаниќ кај гостите и Иванковиќ кај домаќините.

Најефикасен во составот на Охрид беше Ѓукиќ со пет погодоци, додека Кеита и Ивановски постигнаа по четири. Иванковиќ додаде три гола, а голманот Дино Славиќ забележа осум одбрани.

 

По десет одиграни натпревари, Охрид има 17 бодови и се наоѓа на третото место, со ист број бодови како второпласираниот Еурофарм Пелистер. Лидер е Вардар со 18 бодови од девет натпревари, додека четвртопласираниот Алкалоид има 16 бодови, исто така од девет средби.

 

Статистика – ГРК Охрид: Стрмљан 1, Ојлески, Јагуриновски 1, Јошида, Иванковиќ 3, Кеита 4, Карапалевски 2, Тасески, Савревски, Лиапис 2, Зечевиќ, Ивановски 4, Ѓукиќ 5, Ќосевски 2, Славиќ (8 одбрани), Ѓорѓески.

ГРК Охрид го совлада Младост и остана во трката за врвот во Супер лигата

Во следното, 11. коло, ГРК Охрид го очекува гостување кај Тиквеш во Кавадарци, во вторник.

Г.М.
Фото: А. Момироска