Независноста на уставните судови, почитувањето на нивните одлуки и довербата во институциите се во фокусот на меѓународната конференција „Современи предизвици за владеењето на правото: улогата на уставните судови“, која денеска се одржува во Охрид. Домаќин е Уставниот суд на Македонија, во рамките на четвртиот Годишен состанок на Балканскиот форум на уставни судови (BCCF), со учесници од регионот и надвор од Балканот.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, порача дека должност на судиите е да им одолеат на политичките притисоци и да обезбедат државните органи да дејствуваат во уставните рамки.

Наша суштествена работа е да ја држиме политиката во правни рамки. Никој нема повеќе право од она што му го дава Уставот, изјави Костадиновски.

Тој оцени дека ниската доверба во судството е одраз на состојбите во целиот систем и предупреди дека политиката може да влијае врз уставното судство и преку изборот на судии и преку непополнувањето на судискиот состав.

Костадиновски потсети дека Судот речиси две години работел со петмина наместо со уставно предвидените девет судии. Нагласи дека, според заклучокот на Судот, за предметите од широк јавен интерес, меѓу кои Законот за употреба на јазиците и хашките случаи, ќе се одлучува кога составот ќе биде целосен.

Осврнувајќи се на новиот Кривичен законик, Костадиновски изрази надеж дека ќе бидат исправени пропустите од претходните измени, кои ги оцени како тежок удар за правната држава.

Не смее да има недопирливи. Законите и Уставот важат за секого, порача Костадиновски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека владеењето на правото е основа за функционирање на државата, а Уставниот суд има клучна улога во коригирањето на грешките на власта.

Уставниот суд има своја уникатна улога како коректор и на извршната и на законодавната власт. Одлуките на Уставниот суд ние се трудиме целосно да ги почитуваме и целосно да се прилагодиме на она што се одлуки на Уставниот суд рече, Николоски.

Според него, одржувањето на форумот во Охрид е показател за почитта што ја ужива македонскиот Уставен суд кај другите уставни судови. Тој најави продолжување на владината поддршка, во рамките на поделбата на власта.

Г.М.