ГРК Охрид убедливо го совлада Спор Тото и во реванш натпреварот од второто коло на ЕХФ Европскиот куп и сигурно го продолжува патот во одбрана на европската титула. „Гладијаторите“ вечерва во „Билјанини извори“ славеа со 38:22 (16:14) и обезбедија пласман во третото коло.

Турскиот претставник, кој технички беше домаќин на реваншот, беше рамноправен противник во првото полувреме, во кое во добар дел имаше и резултатска предност. Во еден момент Спор Тото водеше и со четири гола разлика, но Охрид во финишот заигра поцврсто во одбраната и со прецизен напад го сврте резултатот. На паузата македонскиот претставник замина со предност од два гола – 16:14.

Прашањето на победникот практично беше решено на почетокот на второто полувреме. Охрид отвори со пеколна серија од 7:0, направи осетна разлика и целосно ја презеде контролата врз натпреварот. Предноста потоа постојано растеше до конечните 38:22.

Тренерот Борис Ројевиќ на реваншот одмори дел од стандардните првотимци, а шанса добија повеќе ракометари. Во финишот на теренот се најде и 16-годишниот Илија Трајчески, кој европската вечер ќе ја памети по два постигнати гола и една асистенција.

Најефикасни во редовите на Охрид беа Мартин Ивановски и Дарко Ѓукиќ со по шест погодоци. Анте Иванковиќ постигна пет, Мартин Карапалевски и Давид Савревски по четири, Иван Тасески и Николаос Лиапис по три, а Томислав Јагуриновски и Илија Трајчески по два гола.

Охрид беше исклучително ефикасен во нападот, реализирајќи 38 погодоци од 52 удари, односно 73 проценти реализација. Голманите на ГРК Охрид забележаа вкупно 12 одбрани, Дино Славиќ 1 и Бојан Блажески 11.

Статистика – ГРК Охрид:
Мартин Ивановски 6, Дарко Ѓукиќ 6, Анте Иванковиќ 5, Мартин Карапалевски 4, Давид Савревски 4, Иван Тасески 3, Николаос Лиапис 3, Томислав Јагуриновски 2, Илија Трајчески 2, Адама Кеита 1, Никола Ристески 1, Ален Ќосевски 1, Тилен Стрмљан 0, Никола Зечевиќ 0.

Голмани: Дино Славиќ 1 одбрани, Бојан Блажески 11 одбрани.

Со вечерашната победа ГРК Охрид го заокружи убедливиот двомеч со Спор Тото. По вчерашните 36:24, охриѓани вечерва славеа со 38:22 и со вкупни 74:46 обезбедија место во третото коло на ЕХФ Европскиот куп.

Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп на тој начин успешно ја мина првата пречка во новата сезона и останува во трката за одбрана на трофејот освоен минатата сезона.

Г.М.
Фото | Видео: А. Момироска