ГРК Охрид забележа нова победа во ракометната Супер лига. „Гладијаторите“ славеа на гостувањето кај МРК Куманово со 28:24, во натпревар од деветтото коло.
Охриѓани ја оправдаа фаворитската улога и од Куманово се враќаат со два значајни бода во борбата во горниот дел од табелата.
Најефикасни во составот на Охрид беа Адама Кеита и Мартин Карапалевски со по четири погодоци, додека Тилен Стрмљан, Доминик Мате и Мартин Ивановски постигнаа по три. Дино Славиќ забележа 10 одбрани.
ГРК Охрид: Стрмљан 3, Ојлески 1, Јагуриновски 2, Јошида 1, Иванковиќ 2, Кеита 4, Карапалевски 4, Тасески, Савревски 1, Мате 3, Лиапис 1, Ивановски 3, Ѓукиќ 2, Ќосевски 1, Ѓорѓески, Славиќ (10 одбрани).
По девет одиграни натпревари ГРК Охрид има 15 бодови и се наоѓа на четвртото место на табелата. Алкалоид е втор со 16 бода од девет натпревари, додека Вардар има 16, а Еурофарм Пелистер 15 бода од осум одиграни средби.
Деветтото коло се комплетира вечерва со дербито меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер, чиј исход ќе влијае и врз распоредот на екипите во самиот врв на табелата.
По ова коло следува репрезентативна пауза. Суперлигашките возбудувања продолжуваат на 15 ноември, кога ГРК Охрид во „Билјанини извори“ ќе ја пречека екипата на Младост.
Потоа фокусот на актуелниот европски шампион ќе се префрли кон ЕХФ Европскиот куп и двомечот со литвански Драгунас Клаипеда, кој на 21 и 22 ноември ќе се одигра во Охрид.
Г.М.












