Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп, ГРК Охрид, утре ќе го дознае следниот противник во одбраната на титулата во ЕХФ Европскиот куп. Ждрепката за третото коло ќе се одржи во Европската ракометна куќа во Виена, со почеток во 11 часот.

Европската ракометна федерација денеска ги објави шеширите за ждрепката. ГРК Охрид е сместен во првиот шешир, заедно со уште еден македонски претставник – Алкалоид.

Тоа значи дека двете македонски екипи не можат да се сретнат во третото коло, бидејќи секој тим од првиот шешир ќе добие противник од вториот.

Можни противници на ГРК Охрид се: Слога Добој (БиХ), Горица (Хрватска), Полва Сервити (Естонија), H71 (Фарски Острови), АЕК (Грција), Рамат Хашарон (Израел), Рајмонд Сасари (Италија), Драгунас Клаипеда (Литванија), Ловќен Цетиње (Црна Гора), Волендам (Холандија), Потаиса Турда (Романија), Горење Велење и Словењ Градец (Словенија), Дубочица 54 (Србија), Пфади Винтертур (Швајцарија) и Поважска Бистрица (Словачка).

Во оваа фаза нема да важи правилото за заштита на екипи од иста земја. Екипата која прва ќе биде извлечена во секој пар ќе биде домаќин на првиот натпревар.

Во третото коло ќе настапат 32 екипи од 24 земји. Првите натпревари се закажани за 21/22 ноември, а реваншите за 28/29 ноември. Победниците од 16-те двомечи ќе обезбедат пласман во осминафиналето, кое ќе се игра во февруари 2027 година.

ГРК Охрид пласманот во третото коло го обезбеди со две убедливи победи над турски Спор Тото во „Билјанини извори“ 36:24 и 38:22, односно со вкупни 74:46.

„Гладијаторите“ сезонава ја бранат европската круна освоена минатата сезона, кога во финалето двапати ја совладаа Татабања.

OhridNews