Актуелниот шампион ГРК Охрид обезбеди пласман во осминафиналето на ЕХФ Европскиот куп, откако и во реваншот од третото коло го совлада литвански Драгунас Клаипеда со 32:25 (15:11). „Гладијаторите“ го добија двомечот со вкупни 62:44 и сигурно ја продолжуваат одбраната на европската титула освоена минатата сезона.

ГРК Охрид е во 1/8 финалето во ЕХФ Европскиот куп. Фото: Анамарија Момироска | OhridNews

И вториот натпревар се одигра во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид, каде охридскиот состав ја оправда фаворитската улога и пред домашната публика го потврди пласманот меѓу 16-те најдобри екипи во натпреварувањето.

Избраниците на Борис Ројевиќ одлично го отворија натпреварот и поведоа со 4:0. Литванскиот тим се обиде да воспостави резултатска рамнотежа, но Охрид ја одржуваше предноста, која во 19. минута достигна пет гола – 11:6. На полувреме „гладијаторите“ заминаа со водство од 15:11.

На почетокот од второто полувреме Драгунас ја искористи неефикасноста на домашниот состав и во 34. минута се доближи на само еден гол негатива – 15:14. Сепак, Охрид брзо одговори, ја стабилизираше играта и повторно ја презеде контролата врз резултатот.

Следуваше период во кој охриѓани постепено ја зголемуваа предноста. Во 43. минута поведоа со 23:17, а во завршницата разликата достигна девет гола – 30:21. Конечниот резултат беше 32:25.

Најефикасен во победничкиот состав беше Дарко Ѓукиќ со седум погодоци, додека Анте Иванковиќ, Николаос Лиапис и Никола Зечевиќ постигнаа по четири. По три гола запишаа Тилен Стрмљан, Томислав Јагуриновски и Ален Ќосевски, а по два Давид Савревски и Мартин Ивановски.

Значаен придонес во победата имаше и голманот Бојан Блажески, кој забележа 14 одбрани, придонесувајќи за сигурната игра на охридскиот тим.

Статистика ГРК Охрид: Стрмљан 3, Ојлески, Јагуриновски 3, Јошида, Иванковиќ 4, Карапалевски, Ристески, Савревски 2, Лиапис 4, Зечевиќ 4, Ивановски 2, Ѓукиќ 7, Ќосевски 3. Блажески – 14 одбрани.

Со двете победи над Драгунас, најпрво 30:19, а потоа и 32:25, ГРК Охрид ја продолжи успешната европска кампања. Претходно, во второто коло, охридскиот тим го елиминираше турски Спор Тото со вкупни 74:46.

Европскиот шампион сега го очекува противникот во осминафиналето, каде ќе ја продолжи борбата за одбрана на историскиот трофеј освоен во сезоната 2025/26.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска