Граѓанската опција за Македонија досега покажа и докажа дека може да води чиста кампања без споредување со останатите политички конкуренти и без непотребно нивно именување. Нашата  кампања има една единствен цел – граѓаните да ја слушнат нашата понуда и самите да го препознаат бенефитот кој таа може да го донесе доколку добиеме можност да ја реализираме, рече на денешната прес конференција кандидатот за пратеник од ГРОМ, Сашо Робески.

Робески посочи на крупните проблеми кон чие решавање ќе се насочат.Меѓу нив е корупцијата, бидејќи тоа е една од основните пречки во општествениот и економски развој на земјата.  

– Мерките кои ГРОМ ги предвидува за спречување на корупцијата се: изградба  на систем заснован врз детални и систематски анализи за корупцијата во сите општествени подрачја, отстранување на административните процедури или бариери кои создаваат услови за корупција, јакнење на механизмите за отчетност при трошење на јавните финансии, зајакнување на улогата на Комисијата за спречување на корупцијата преку јасни и високи критериуми за избор на  членови на комисијата, рече Робески.

ГРОМ инсистира на уредување на финансирањето на политичките партии. Сметаат дека скапите телевизиски кампањи значајно ги зголемуваат финансиските потреби на партиите кои не можат да бидат задоволени на легитимен начин од спонзорите. Поради тоа од ГРОМ со предлог- ограничување на кампањите и зголемување на финансирањето на политичките партии од државата за да се искорени зависноста од „црни“ фондови.
Од ГРОМ додаваат дека уште една болна тема која последниве неколку години ги полни домашните, но и светските медиуми е екологијата и заштитата на животната средина.

– Нашите аспирации кон европското интегрирање мора да ги поткрепиме со сериозен пристап кон оваа тема. А ние како партија која има цврсти намери да се вклучи во тој процес инсистираме на градење јавна свест за важноста на екологијата и заштитата на животната средина бидејќи тоа е еден од најнеопходните ресурси за социоекономски развој. ГРОМ ќе се залага за: зголемување на транспарентноста на загадувањето на животната средина, подобрување на управувањето со цврст и течен отпад, заштита на природата, подигање на нивото на транспарентност за загадувањето на животната средина, поставување голем број еколошки семафори, информирање на јавноста и преземање конкретни мерки при надминување на максимално дозволените количества, поддршка на истражувањата за степенот на загаденоста на животната средина во Македонија, истакна Робески.

Тој додаде дека цел на ГРОМ ќе биде природата во Македонија да биде заштитена, како и да се воведат наставни програми по запознавање на природата и по биологија и да се предвидат содржини за јакнење на еколошката свест кај најмладите.

OhridNews