Загинувањето на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски не е несреќа, тврди швајцарскиот парламентарец Андреас Грос, пренесува Дојче Веле.

Во дебатата, што вчера се водеше во Парламентарното Собрание на Советот на Европа, меѓу двете сесии, неколку парламентарци, говорејќи за смртта на полскиот претседател Лех Качински, направиле споредба меѓу смртта на поранешниот македонскиот претседател Борис Трајковски и екс Генералниот Секретар на Обединетите Нации, Даг Хамерскјелд.

На ваквата споредба, реагирал парламентарецот Грос.

„Ова е деликатно прашање, но потребно е да бидеме храбри и да се занимаваме со храбри прашања. Господинот Ивински на малку несреќен начин направи паралела меѓу смртта на полскиот претседател со таа на претседателот на Македонија и генералниот секретар на ОН“, вели Грос.

Според него, паралелата завршува единствено со констатацијата дека станува збор за уривање на авионите.

„Во падот на авионите на Хамарскјелд и на претседателот Борис Трајковски има јасни показатели дека тие несреќи не се несреќни случаи. Тоа беа убиства“, констатира Грос.

Според него, вината за случајот со смртта на Борис Трајковски „треба да се бара на Запад, а не на Исток, пренесува Дојче Веле.

На ова тврдење на швајцарскиот парламентарец, одговори македонскиот пратеник Игор Ивановски.

„Сакам да ги оспорам информациите кои ги дава Андреас Грос дека не станува збор за несреќа, туку за убиство на претседателот Трајковски.“ Според Ивановски, ништо не дозволува да се извлече таков заклучок, повикувајќи се тука на извештајот на Андреас Грос, во кој тој заклучи дека станува збор за несреќен случај, иако околу него остануваат отворени и неодговорени многу прашања.

Пред околу два месеци, во интервју за Дојче Веле, Грос најави дека ќе се обиде да најде дополнителни информации за смртта на Трајковски преку негови пријатели и врски во Париз, Вашингтон и Брисел.

OhridNews