Бројот на социјално загрозени семејства кои имаат необезбедено станбено прашање се намалува, што е резултат на владините програми за изградба на социјални станбени згради низ градовите во земјава, информира директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, кој потсети дека веќе се предадени во употреба социјални згради во Охрид, Битола, Скопје, Штип и во Берово, а во моментов акционерското друштво гради уште 79 станови во Прилеп, 50-тина во Демир Хисар и околу 20 стана во Ресен.
Оние пак граѓани кои добиле станови за користење, доколку ги злоупотребуваат одредбите од склучените договори, ќе сносат санкции, нагласува Грозданов.
– Ние немаме овластувања да интервенираме кога корисниците на социјалните станови девијантно се однесуваат, тоа е должност на Центарот за социјални работи и МВР, но доколку некои лица недомаќински ги користат становите, ги уништуваат, реиздаваат, или воопшто не живеат во нив, од наша страна ќе биде раскинат склучениот договор, а лицата ќе бидат санкционирани и отстранети од доделениот стан. Во Охрид веќе се евидентирани три случаи на семејства со кои од овие причини договорите ќе бидат раскинати, а контролите од наша страна продолжуваат и во наредниот период, изјави директорот Грозданов.
Грозданов денес имаше можност да ги сослуша потребите и барањата на охриѓани поврзани со работењето на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, во рамки на проектот “Отворен ден со граѓаните” , чија реализација започна од Охрид.
– Целта е се сретнеме со граѓаните, особено со оние кои според програмата на владата имаат земено под закуп станови кои се од социјалната сфера , но и со останатите кои имале проблеми во изминатиот период, како што се потреба од архивски документи, нерасчистени имотно правни односи , купопродажни договори. Сакав да слушнам и дали подрачната единица во целост ги задоволува барањата на граѓаните, а воедно и да ги слушнеме нивните идеи, како друштво кое стопанисува со одреден фонд станови кои се во сопственост на државата, но наменети за социјално ранливите категории граѓани, рече Грозданов.
Граѓаните на кои пред неколку години им биле доделени на користење времени објекти, Грозданов , појаснува дека доколку тие сеуште спаѓаат во категоријата на социјално-загрозени граѓани, ќе им биде дадена можност преку склучување на договор за закуп и понатаму да ги користат. Доколку во меѓувреме веќе се вработиле и не спаѓаат во оваа категорија граѓани, а сакаат да ги задржат објектите, тогаш ќе им биде понудено да ги купат објектите по пазарна цена, а средствата потоа ќе бидат реинвестирани за изградба на нови социјални згради.
Т. Кувенџиска