ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор е подготвено да изврши мала отстапка доколку градежната фирма Трудбеник од Охрид даде цврсти гаранции и го исплати долгот од 7,5 милиони денари што го има кон јавното претпријатие, со што ќе се создаде можност да бидат ослободени петте стана на граѓани кои се предмет на извршување по судско судско решение. Ова денеска на прес конференција во Охрид го најави директорот на јавното претпријатие Цветко Грозданов.

-Ги уверувам граѓаните дека намерата на јавното претпријатие не е тие да останат без домови. Викендов ќе остварам уште една средба со сопственикот на Трудбеник со цел да изнајдеме заедничко решение. Подготвен сум да попуштам малку за да се реши проблемот, но никако нема да се откажам од наплата на побарувањата. – рече Грозданов. Притоа тој појасни дека јавното претпријатие не може да прифати се што ќе му се понуди, и оти предвид ќе се земат само цврсти гаранции за исплата на долгот.

Гроздановпосочи дека Трудбеник имал една година да ги подмири обврските кој јавното претпријатие, но тоа не било направено, по што јавното претријатие ангажирало извршител кој го попишал единствениот имот кој во катастарот се уште се водел на градежната фирма.
-При отпочнување на постапката никој не знаеше дека Трудбеник го има само тој имот. Ние очекувавме дека ќе најдеме друг имот како машини и слично, но нема друг имот на име на Трудбеник кој не е оптоварен со хипотека, рече Грозданов.

Тој истакна дека одредена одговорност за настанатата ситуација имаат и сопствениците на запленетите станови, кои навреме не извадиле имотни листови во катастарот.

-Ние немаме допирна точка со граѓаните кои чесно ги купиле тие станови и живеат во нив. Но и тие треба да се сретнат со сопственикот на Трудбеник и да му укажат дека мора да ги подмири обврските кон јавното претпријатие, за да може становите да им бидат вратени во владение, додаде Грозданов.


Тој појасни дека доколку јавното претпријатие ги ослободи од залог петте станови, можно е тие повторно да бидат запленети врз основа на друго судско решение за наплата на побарување, така што единствен начин да се реши случајот е Трудбеник да го подмири долгот од 7,5 милиони денари, настанат заради неисполнување на обврски при изградба на станбен простор во минатото.

Во врска со судскиот спор и жалбата на Трудбеник до Врховниот суд, Грозданов потсети дека согласно закон, тоа не го одлага извршувањето.

Сопственикот на Трудбеник Ацо Спироски, вчера за медиумите изјави дека е подготвен да гарантира со друг имот пред јавното претспријатие со цел да се ослободат становите на граѓаните кои се предмет на извршување.

Станарите побараа почитување на приватната сопственост посочувајќи дека тие уредно во 2009 година си ги платиле становите за што имаат купопродажни договори заверени на нотар. Тие изразија надеж дека државата ќе го реши случајот, но не на нивна штета, најавувајќи дека со сите легални средства ќе се борат за остварување на своите права и зачувување на сопствениот имот.

Поради нерешени односи на релација АДГ „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен просторици пет станови од зграда на улица „Карпош Војвода“ изградена од АДГ „Трудбеник“, се предмет на извршување, а дел од нив веќе се запечатени.

Г.М.

Станарите од зградата на Трудбеник на кои им се заканува заплена на имотот, бараат да се почитува приватната сопственост