По долги и детални анализи, извршниот комитетот на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за поместување на изборниот ден на 5-ти јуни, изјави после полноќ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по одлуката на пратениците со 83 гласа „за“ и три „против“ да го отповикаат самораспуштањето на Собранието, што во спротивно ќе значеше избори на 24-ти април, пренесува „Макфакс“.
„Во овој момент се постигнати сите услови за избори на 24-ти април, и на секого му е јасно зошто СДСМ не сакаше да оди на изборите и бара разни изговори, како му се јасни на секого причините зошто проценката на САД и ЕУ беше таква како што беше и како што е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ прифати мало поместување на изборите. Одлуката за изборниот ден беше во наши раце, по долги и детални анализи извшрниот комитет на ВМРО ДПМНЕ донесе одлука за поместување на изборниот ден на 5-ти јуни, а ова го правиме за да не оставиме простор за да бидеме погршено разбрани од дел од нашите граѓани но и злоупотебени од сите они кои не и мислат добро на Македонија и не сакаат да оди напред“, рече Груевски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, од страна на ЕУ и САД партијата добила уверување дека ова ќе биде единственото поместување и дека ќе нема нови проценки околу тоа дали земјата е подготвена за одржување на избори или не.
„Претставниците на ЕУ и САД не убедија во четири работи, прво дека ова ќе е единствено поместување, второ дека нема да има разно разно преговори за организацијата на изборите бидејќи и тие сега веруваат дека ДИК ќе има доволно време за прочистувањето на избирачкиот список, трето дека нема да има поставување на никакви други услови за одржување на изборите на 5-ти јуни, вклучувајќи го и законот за медиумите и четврто, дека нема да има нови проценки за тоа дали земјата е подготвена за избори, од страна на ЕУ и САД. Од ДУИ добивме уверување дека стојат цврсто зад одлуката за избори на 5-ти јуни, државата не може да биде заложник на СДСМ. Со ова поместување и даваме шанса на СДСМ да излезе на избори, само со излегување на изборите се добива легитмитет. На оние кои сметаат дека ВМРО направи премногу компримиси, сакам да им порачам дека тоа се должи на нашата верба во народот и во силата која што тој ни ја дава“, порача Груевски.
Лидерот на СДСМ пак, Зоран Заев, порача дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за повлекувањето на распуштањето на Собранието е уште еден пораз за Груевски.
„Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за повлекување на распуштањето на Собранието е уште еден пораз за Никола Груевски. Со кршењето на Договорот од Пржино, лажниот патриот Груевски се обиде да ја турне Македонија во уште една криза, а оценката на ЕУ и САД дека не се исполнети условите за избори, покажува само колку се важни слободните и фер демократски избори за Македонија. Груевски се плаши од слободни и фер избори поради тоа што знае дека ќе ги изгуби. Пред само еден час ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека нема поместување на 24-ти април, а сега ништо веќе не зависи од Никола Груевски. Во Македонија ќе има слободни избори, на кои ќе се избере влада со полн легимитет, за решавање на проблемите и продолжување на евроинтеграциите. Промените доаѓаат на слободни и фер демокртски избори“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Во меѓувреме, носителот на столбот Партнерства за Македонија на СДСМ, Стево Пендаровски на својот твитер профил објави дека „вечерва не е постигнат договор на четирите партии за избори на 5-ти јуни“.
„Три партии повторно ја ставаат во залог Македонија“, напиша уште Пендаровски, додавајќи дека партијата наскоро ќе излезе со свој став.
Европратеничката тројка Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан, пак, кои во текот на денот остварија средби со лидерите на политиките партии во земјата, кратко порачаа дека „политичките лидери вечерва ќе одлучат за иднината на Македонија и дали земјата ќе продолжи по европскиот пат или не“.
OhridNews
извор: „Макфакс“